Дворот на основното училиште „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3 ќе стане парк со површина од 11.000 метри квадратни. Општина Карпош деновиве започна со градежни работи за уредување на овој простор во спортско-рекреативен парк, каде како што вели градоначалникот Стефан Богоев, доминантно ќе биде зеленилото.
Според проектот на целиот простор ќе се засади нова треба и висококвалитетни дрвја, ќе биде поставен систем за полевање капка по капка, како и комплетно нова урбана опрема. Во рамките на паркот ќе има и спортски терени за мал фудбал, кошарка и ракомет, фитнес зона како и детско игралиште.
„Оваа површина, која е дел од училишниот двор, во делот покрај булевар Илинден повеќе години делуваше запуштено. Граѓаните од овој дел на Карпош имаа потреба од содржини за спорт и рекреација, а изборот на спортски игралишта се направи и во консултација со нив. Општината продолжува да инвестира во подигнување на нови зелени површини“, рече градоначалникот Богоев.
На кејот во Карпош 4, кај скејт паркот во моментов се работи на изградба и на адреналинскиот парк, а Град Скопје на потегот од депонијата која што се запали кај хотелот „Александар Палас“ до Карпош 4, работи на подигнување на трет дел од Градски парк.
А. АНТЕВСКА