Дитмире Шеху, член на предлог на ДУИ и потпретседател на Државната изборна комисија (ДИК) вели дека ниту Владата, ниту Комисијата за заразни болести не ги информираат како ќе се спроведат парламентарните избори среде пандемија на коронавирус и кога не смее да му се ускрати правото на гласање на ниту еден граѓанин, вклучително и на оние кои се во изолација.
Шеху го проблематизира и ревидирањето на избирачкиот список, зашто на ДИК ѝ треба датум за парламентарните избори, а него сѐ уште не го договорија партиите. Во Владата, пак, велат дека тоа си е регулирано со член 43 став 6 од Изборниот законик, само членовите на ДИК треба да си го прочитаат.
„Владата мора да донесе нова уредба со определен датум за избори, за да го донесеме новиот роковник. Избирачкиот список не ни е заклучен, а ниту потпишан. Изборниот законик бара во избирачкиот список да се внесат сите граѓани кои до денот и на денот на изборите полнат 18 години. Битен ни е тој датум за избори за да знаеме со барањата до МВР да бараме известувања до датумот. Ние имаме избирачки список до 12 април 20120 година, за кога беа закажни изборите што не се одржаа“, вели потпретседателката Шеху.
Таа ја повикува Владата да каже и што со уредбата со која беше продолжена важноста на истечените лични документи, зашто според законот, граѓанин може да гласа на избори само со валиден личен документ. Владата со уредба прогласи дека истечените лични документи во време на вонредната состојба, ќе важат до 31 јули 2010 година.
Во Владата го повторуваат ставот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, дека си има член во Изборниот законик кој ѝ налага на ДИК да го ажурира избирачкиот список по службена должност, и по увидот во него. Нов увид во избирачкиот список, според овој став, ДИК не треба да бара и да троши екстра време, туку само треба да ги ажурира измените што пристигнуваат од МВР.
Но, Дитмире Шеху, вториот потписник во ДИК по претседателот Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека сѐ може да се изведе, да се скратат ако треба и роковите за избори, ама без состанок, договор и прецизирање на работите со Комисијата за заразни болести, никој од нив нема да презеде одговорност.
„Ние немаме ни протокол за изборите. Мора да седнеме со Комисијата за заразни болести, зашто овие избори се поинакви, има голем ризик по здравјето на граѓаните. Дали ќе требаат маски за членовите на избирачките одбори, дистанцата меѓу тие 15 луѓе колкава да биде, гласањето како ќе биде, како ќе гласаат лицата во изолација, дали на истите избирачки места ќе се гласа како досега, …на сите овие прашања треба да добиеме одговор. Зашто ДИК ги организира изборите и утре ние ќе носиме одговорност ако се испозаразат гласачите на избори“, предупредува Шеху.
С. К. ДЕЛЕВСКА