ТЕТОВО ИМА ТРИ НОВИ КЛАСТЕРИ ЗАРАЗЕНИ СО КОРOНАВИРУС, А ПОЛИЦИЈАТА САМО ШЕТА СО РАЗГЛАС МЕЃУ ГРУПИТЕ ЛУЃЕ БЕЗ МАСКИ

    ТЕТОВО ИМА ТРИ НОВИ КЛАСТЕРИ ЗАРАЗЕНИ СО КОРOНАВИРУС, А ПОЛИЦИЈАТА САМО ШЕТА СО РАЗГЛАС МЕЃУ ГРУПИТЕ ЛУЃЕ БЕЗ МАСКИНиз тетовските улици денеска постојано поминуват полициски возила од кои преку разглас се советуваат граѓаните да носат заштитни маски и да држат социјално растојание,но тетовци на ова повеќе гледаат како на атракција, отколку да ги послушаат советите кои се упатуваат. (Фото: СДК.МК)

    Ниту 10-те новозаболени од КОВИД-19 во Тетовскиот Регион не се накоја голема причина за загриженост кај тетовци. На два дена пред празникот Рамазан бајрам, тетовските улици и дуќани се преполни со луѓе. Празникот налага секој да се поднови со нова облека, а се купуваат и подароци за најблиските и пријателите.

    Во оваа потрошувачка еуфорија, малку кој размислува за заразата и за зголемениот број заболени лица кој во Тетовскиот Регион од ден на ден расте. Низ улиците и во продавниците, а посебно на зелениот пазар, мал е бројот на оние кои носат заштитни маски или ако и имаат, тогаш ги носат неправилно, спуштени под носот, колку да се рече дека имаат маска.

    Дека состојбата со КОВИД-19 во Тетовскиот Регион не оди на добро потврдуваат и од Центарот за јавно здравје од Тетово.

    „Ситуацијата во Тетово и околината моментално епидемиолошки не е добра. Денес во Тетово и околните општини имаме 10 нови случаеви на заразени. Она што загрижува е дека има три нови кластери ,со што досега вкупно во Тетовскиот Регион, заедно со овие 3, се регистрирани 25 кластери, иако дел од нив веќе се затворени. Од почетокот на епидемијата досега во Тетовскиот Регион се регистрирани 162 заразени лица. Најмногу од нив се во Општините Тетово и Боговиње. Има и во другите општини, но таму се во помал број“,  изјави д-р Наим Скендери специјализант по епидемиологија од Центарот за јавно здравје во Тетово.

    Причините за зголемувањето на бројот на заразените тој ги гледа во непочитувањето на мерките кои се дадени од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.

    „Причината за ваквата моментална состојба ја гледам во тоа што граѓаните малку ги почитуваат мерките кои се дадени од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, да се носи заштитна маска, да се одржува социјална дистанца и да нема групирање на луѓето, како пред банките и други објекти, но и посебно да се избегуваат семејните собири. Токму поради ваквите семејни собири во последниов период е зголемен бројот заразени во Тетовско. Ние се надевавме дека пандемијата ќе ја завршевме со помал број заразени, но за жал не е така. За периодот што следи, нашиот апел е уште постриктно запазување на овие мерки. Луѓето треба да знаат дека пандемијата уште постои, вирусот уште е присутен и дека треба сите да се придржуваат кон мерките“, вели д-р Скендери.

    Низ тетовските улици денеска постојано поминуват полициски возила од кои преку разглас се советуваат граѓаните да носат заштитни маски и да држат социјално растојание. Но тетовци на ова повеќе гледаат како на атракција, отколку да ги послушаат советите кои се упатуваат.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира