Со сеќавањата на режисерот Милчо Манчевски, САКАМДАКАЖАМ.МК ја продолжува серијата прилози посветени на 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија. Во текот на месецов ќе следат интервјуа со пратеници и функционери од првиот состав и други јавни личности, фотогалерии и видеа од историските настани за осамостојувањето на државата.
Најуспешниот македонски уметник, филмскиот режисер Милчо Манчевски, во 1994 со својот прв филм „Пред дождот“ го освои Златниот лав на фестивалот во Венеција. Филмот од Македонија, која во тоа време беше млада, непозната држава, потоа играше во над 50 земји и го прочу нејзиното име во светот.
„Кога го снимив ’Пред дождот’ во 1993, веќе подолго време живеев во Њујорк. Се вратив со филм кој беше финансиран во Лондон и Париз, и бев збунет од промените во Македонија. Кога го примија филмот во Венеција во 1994, од фестивалот ми пишаа и бараа опис на тоа како изгледа македонското знаме, оти фестивалот немаше никакви информации. Кога го кренаа нашето знаме на Лидо, видов дека е за 3/4 помало од другите“, вели Манчевски.
Во 1995, „Пред дождот“ беше номиниран за Оскар, а „Њујорк тајмс“ во вброи меѓу најдобрите 1.000 филмови на сите времиња.
„Следната година филмот беше номиниран за Оскар и холивудската Академија наеднаш го смени односот кон нас, па почна да го користи БЈРМ. Одбив да одам на доделувањето. На два саати пред церемонијата, во хотелот се собраа претставникот на Академијата, директорот на Бритиш скрин, нашата делегација, сите во таксидо костуми. Јас бев по патики и скинати фамерки, оти бев убеден дека нема да одам. Академијата се уплаши од скандал и најдоа компромис“, се сеќава Манчевски.
На доделувањето на Оскарите на 17 март, 1995, актерот Џереми Ајронс ги најавуваше номинираните за најдобар странски филм. Набројувајќи ги земјите од кои се номинираните филмови рече „… и од Република Македонија, земјата што филмаџиите ја викаат Македонија, а ОН ја викаат Бивша југословенска република Македонија“, а потоа го најави „Пред дождот“ како филм од Македонија, додека на телопот стоеше БЈРМ.
„Тие години во воздухот имаше чувство на радост, чувство дека сѐ е можно“, вели Манчевски за првите години од осамостојувањето на Македонија.
Видео од доделувањето на Златниот лав за најдобар филм на „Пред дождот“ во Венеција на 12 септември, 1994:
Видео од доделувањето на Оскарите на 17 март, 1995 во Лос Анџелес: