Специјалниот рендген апарат во ортопедската операциона сала во Клиничката болница во Штип, кој повеќе од два месеца беше во дефект, од денеска повторно е во функција. Поради дефектот на овој рендген апарат, некои посложени операции во Штип не можеа да се извршуваат па пациентите беа праќани во Скопје, каде доживуваа трауми оти поради коронакризата беа шетани од болница во болница, за што САКАМДАКАЖАМ.МК објави на 18 мај.
„За случувањата во Скопје не можеме ништо да кажеме, но ние во Штип се потрудивме проблемот со дефектот на рендген апаратот брзо да го решиме, малку благодарение и на пишувањето на САКАМДАКАЖАМ, без разлика што ние веќе распишавме тендер за обезбедување фирма за сервисирање. Единствениот сервисер по написот веднаш интервенираше и рендген апаратот го стави во функција“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев, кој најавува дека се при крај тендерите и за многу други нови набавки на медицинска апаратура и помагала за сите одделенија во болницата.
И началникот на Ортопедското одделение во Штип д-р Зоран Шишков е задоволен што после толку време рендген апаратот е ставен во функција.
„Немаме најави за некои операции за кои ќе биде неопходен овој апарат, но сега како исправен веќе е ставен во функција ако нешто се случи ненајавено. Важно е што е штипската ортопедија сега е подготвена за сите оперативни искушенија. Морам да потенцирам дека Ортопедското одделение во Штип ја покрива цела Источна Македонија со над 200.000 потенцијални пациенти и според бројот на операциите и сите останати оперативни зафати и прегледи, Штипската клиника не ја добива сразмерно со другите региони адекватната материјална подршка од Министерството за здравство“, вели Шишков и додава: „Се надевам дека Одделението за ортопедија не само материјално, туку ќе се комплетира и кадровски, зашто имаме потреба од петмина нови доктори. Моментно, во пензија заминува еден ортопед, па Одделението ќе има потреба да го удвои не само специјалистичкиот, туку и сестринскиот и болничарскиот кадар“.
Т. ЈОВАНОВСКИ