ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА РЕНДГЕН, ШТИПСКАТА БОЛНИЦА ДВА МЕСЕЦА НЕ ПРАВИ ОРТОПЕДСКИ ОПЕРАЦИИ, ГИ ПРАЌА ВО СКОПЈЕ КАДЕ ШТО БОЛНИТЕ ГИ ТОРМОЗАТ ОД БОЛНИЦА ВО БОЛНИЦА

    ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА РЕНДГЕН, ШТИПСКАТА БОЛНИЦА ДВА МЕСЕЦА НЕ ПРАВИ ОРТОПЕДСКИ ОПЕРАЦИИ, ГИ ПРАЌА ВО СКОПЈЕ КАДЕ ШТО БОЛНИТЕ ГИ ТОРМОЗАТ ОД БОЛНИЦА ВО БОЛНИЦАДиректорот на Штипската болница Ален Георгиев вели дека веќе е распишан тендер за фирма која ќе може да го острани дефектот на рендген апаратот, а тендер ќе има и за некои други апарати и ортопедски помагала кои исто така се неопходни за оперативни зафати и ќе бидат набавени, затоа што тие иако се во функција се стари и дотраени. (Фото: СДК.МК)

    Жители на Штип и околните градови се жалат што за некои ортопедски операции мораат да одат во Скопје, оти веќе два месеца штипската Клиничка болница не е во можност да извршува посложени операции на екстремитетите затоа што рендген апаратот за ваков вид зафати е во дефект. Поради тоа, пациентите обично ги упатуваат во Ортопедската клиника во Скопје, потврдуваат доктори ортопеди од Одделението за ортопедија во Штип.

    Но, компликациите на пациентите не завршуваат на Скопската клиника за ортопедија. Од таму, ако пациентите имаат температура само малку над 37 степени, се препраќаат во болницата „8 Септември“ како сомнителни за коронавирус. Откако пациентите ги примаат на ургентното одделение во бившата Воена болница им земаат брис и ги чекаат резултатите. Во меѓувреме пациентите со скршеници чекаат. Ако резултатот е негативен, пациентите се враќаат пак назад на клиника, затоа што на одделението за ортопедија во „8 Септември“ лежат болни од КОВИД-19 со други патологии како компликација на коронавирусот.

    Лекарите велат дека е вообичаено пациент со потешка скршеница да развие ниска температура поради болките и стресот, особено кога во таква ситуација и по неколку часа се тормози од возило во возило и од болница до болница.

    Дознаваме дека минатата недела имало случај со пациентка од Кочани која четири пати ја селеле од една во друга болница. Од Кочани ја пратиле за Штип. Од Штип поради дефект на рендгенот ја испратиле на Скопските клиники. Таму им се видела сомнителна, па ја препратиле во „8 Септември“. Откако тестот покажал дека е негативна, од „8 Септември“ ја вратиле на клиника.

    Началникот на Одделението за ортопедија Зоран Шишков вели дека се преземаат мерки дефектниот рендген апарат да се поправи и операционата сала комплетно да функционира.

    „За два месеца, за Скопје пративме дваесетмина пациенти за посложени операции за кои е неопходен рендгенскиот апарат. Но, повеќе други опереации на подлактици, надколеници што можеме да ги оперираме без рендгенот ги правиме тука. Така, вчера успешно извршивме неколку операции на тешко повреден моторџија од Кочани кој во сообраќајка добил повеќе фрактури. Добро е што нема повреди на главата затоа што го спасила кацигата“, вели Шишков.

    Раководството на Клиничката болница во Штип е запознато со проблемот и објаснува дека веќе е распишан тендер за фирма која ќе може да го острани дефектот на рендген апаратот. Расипана е доводната цевка на апаратот, па штом заврши тендерската процедура се надеваат дека дефектот брзо ќе се острани.

    „Тендер ќе има и за некои други апарати и ортопедски помагала кои исто така се неопходни за оперативни зафати и ќе бидат набавени, затоа што тие иако се во функција се стари и дотраени. Вакви набавки ќе има не само за ортопедија туку и за другите операциони сали на Клиничката болница во Штип“, вели директорот Ален Георгиев.

    Тој нагласува дека за неколку години, Клиничката болница со свои средства и со средства на Министерството за здравство обезбедила повеќе нови апарати, меѓу кои и нов ултрамодерен екстензионен стол за ортопедски и трауматолошки операции. Пред неколку месеци, бил набавен современ ехо-апарат за дијагностицирање повреди на очите во вредност од 15 илјади евра, лани бил ставен во функција нов апарат за имунолошко и биохемиско испитување на крвта кој овозможува над 30 илјади крвни анализи месечно, а пред тоа и нов апарат, современ видео-ендоскоп за гастроскопија и колоноскопија во вредност од 100.000 евра.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари