150 КРЕВЕТИ, 100 ВРАТИ И 50 ВЕЦЕ ШОЛЈИ СОБРАЛА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ НИЗ СКОПЈЕ НЕДЕЛАВА

    150 КРЕВЕТИ, 100 ВРАТИ И 50 ВЕЦЕ ШОЛЈИ СОБРАЛА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ НИЗ СКОПЈЕ НЕДЕЛАВАКако што велат од претпријатието откако затопли времето секојдневно се соочуваат со фрлање на кабаст и градежен отпад на јавните површини, но неделава биле подигнати рекорди количини.(Фото: Комунална хигиена)

    Од понеделникот до денес екипите на ЈП „Комунална хигиена“ подигнале 500 кубни метри непрописно фрлен кабаст, градежен и комунален отпад низ Скопје. Како што велат од претпријатието откако затопли времето секојдневно се соочуваат со фрлање на кабаст и градежен отпад на јавните површини, но неделава биле подигнати рекорди количини.

    Од тротоари, паркови, скверови, улици собрани се над 150 стари кревети, триесетина електрични шпорети, околу 100 собни врати, повеќе од 50 тоалетни школки, десетина лавабоа и кади. Исто така подигнати се стотина кубни метри градежен шут, но и органски отпад, мрши од кучиња, мачки, кокошки.

    „Во последниот период сме соочени со многу зачестено непрописно одлагање кабаст, градежен, па дури и органски отпад во речиси сите скопски општини. Уште еднаш би сакале да ги потсетиме граѓаните дека исфрлањето отпад на јавни површини претставува прекршување на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции, а ваквото несовесно однесување може да резултира со исклучително штетни последици за животната околина и јавното здравје. Непрописно одложениот отпад е потенцијално контаминиран и опасен за секој што ќе дојде во контакт со него, без разлика дали станува збор за наши работници на терен, случајни минувачи или деца“, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.

    Граѓаните кабаст отпад бесплатно може да го одложат во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште Од претпријатието велат дека центрите секој ден во неделата од 7 до 19 часот се отворени за граѓаните што имаат потреба да се ослободат од својот кабаст отпад. Доколку граѓаните имаат потреба нивниот кабаст отпад да се транспортира со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“, таа услуга може да ја нарачаат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира