Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека разговарале со албанските власти во врска со отворањето на границата и мисли дека отворањето ќе биде за сите граѓани, откако албанската државна новинска агенција АТА пренесе изјава на премиерот Еди Рама дека Албанија на 1 јуни ќе ги отвори границите за Албанците од соседните држави.
„Разговаравме со Тирана, во моментов работат на конкретен план во поглед на отворањето на границите и од тоа што го слушнавме, мислам дека нивниот пристап ќе биде инклузивен односно ќе се однесува на сите граѓани од регионот“, изјави Димитров за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Албанија ги затвори границите на 13 март за да го спречи ширењето на коронавирусот во земјата.
„Албанија ќе ги отвори своите копнени граници за сите Албанци во соседните земји, кои имаат албански, косовски, македонски или црногорски пасош, почнувајќи од 1 јуни, соопшти премиерот Еди Рама“, објави албанската државна новинска агенција АТА.