ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЧЕКА ИНВЕСТИТОР ОТКАКО ЗЕМЈИШТЕТО ОКОЛУ НЕГО ОД ЗЕМЈОДЕЛСКО Е ПРЕНАМЕНЕТО ВО ГРАДЕЖНО

Владата дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево го пренамени во градежно, за да може Општина Сарај во овој дел од предградието на главниот град да вцрта маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар

ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЧЕКА ИНВЕСТИТОР ОТКАКО ЗЕМЈИШТЕТО ОКОЛУ НЕГО ОД ЗЕМЈОДЕЛСКО Е ПРЕНАМЕНЕТО ВО ГРАДЕЖНОЕзерце Треска изградено од самопридонес на скопјани живееше само 20 години. Во 1998 година поради загаденост на водата затворено е за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање.(фото: Ѓ. Личовски)

Во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје изградено е езерото Треска. Со површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи, во 80-тите и 90-тите, функционираше како главно излетничко место за Скопјани, особено во летните месеци. Околу езерото кое е длабоко од 1,6 до 3 метри се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, како и камп за приколки и трејлери. Езерце Треска живееше само 20 години. Во 1998 година поради загаденост на водата затворено е за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање.

Денеска, дваесетина години откако е затворено, комплексот околу езерото е целосно уништен. Погледот кон кањонот Матка кога ќе влезете во некогашниот спортско-рекреативен центар, веднаш се заборава од руинираниот и пропаднат комплекс. Рестораните, бунгаловите, летните тераси, тоалетите се искршени и разурнати, гардеробите и тушевите ги нема. Просторот е обраснат со трева до колена бидејќи со години никој не го одржува зеленилото. Ѓубре има на сите страни и дополнително кучиња скитници го развлекуваат низ патеките. Единствено нешто што низ годините го направило езерото поубаво се дрвјата, кои сега се израснати, со големи крошни и прават длабоки сенки.

Рестораните, бунгаловите, летните тераси, тоалетите се искршени и разурнати, гардеробите и тушевите ги нема.(Фото: Ѓ. Личовски)

Водата во езерото од 1998 година е прогласена за бактериолошки неисправна, но и покрај тоа затекнавме десетина деца како се капат. Подолу пак, двајца посетители се сончаа, други дојдоа да ловат риба, а имаше и неколку граѓани кои се шетаа околу езерото.

И покрај очајната состојба во која се наоѓа комплексот, голем дел од камперите кои со години имаат приколки и оваа летна сезона се тука. Во Треска има околу 550 приколки, а од нив речиси 300 секоја сезона се отворени.

„Гледате колку очајно изгледа некогашниот бисер на Скопје, а ние плаќаме повисока цена. Плаќаме 12.000 денари за цела сезона, а не добиваме ништо од Општина Сарај. Не се коси тревата, ѓубре не се собира, еве денес ни е празник оти дојдоа камиони да зачистат. Тоалетите се во ужасна состојба, ние самите одржуваме едно веце. Да дојде санитарна инспекција ќе го затвори кампот“, ни рече Ацо Гиновски кој 32 години од мај до септември е во својата приколка на езерото Треска.

„Се ежам секој пат кога влегувам на главната врата и гледам во што прерасна езерцето кое е на секој од нас бидејќи, ние граѓаните дававме пари со самопридонес за да се изгради.“, вели Ацо Гиновски еден од камперите кој повече од 30 години има приколка на езерото. (Фото: Ѓ. Личовски)

Вели дека состојбата до пред 7 години кога комплексот беше под надлежност на Град Скопје и го одржуваше ЈП „Паркови и зеленило“ била подобра. Имало чуварска служба, се одржувало зеленилото, се собирало ѓубре.

„Се ежам секој пат кога влегувам на главната врата и гледам во што прерасна езерцето кое е на секој од нас бидејќи, ние граѓаните дававме пари со самопридонес за да се изгради. Кога ќе се собереме со комшиите кампери навечер, плачеме кога се присетуваме како беше некогаш. Сите ресторани и кафулиња беа полни, детски џагор и смеа насекаде, немаше место пешкир да постелеш на плажата. Тоалетите беа чисти, со сапун, тоалетна хартија, дури и машинки за бричење имаше поставено. Навечер исто така беше полно со народ, се вртеа кругови околу езерото како на некогашното корзо“, вели Ацо.

Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети вели летово ќе биде готов ДУП, по што ќе се бара инвеститор да го врати во функција. (Фото: Ѓ. Личовски)

Камперите велат дека од секој градоначалник, од секоја нова власт слушаат ветувања дека туристичкиот комплекс ќе го вратат повторно во функција.

„Слушаме Турци ќе го зеле, па потоа ни велат имало инвеститор од Саудиска Арабија, ама тоа се само зборови. Еве гледајте 20 години поминаа откако е затворено за капење и секој ден сѐ повеќе и повеќе се уништува. Толку пари дадоа за плажи и споменици во центарот на градот, како не им текна тука да ги вложат тие средства“, вели Ивица кој со своето семејство 30 години е кампер на Треска.

Езерото Треска беше главно излетничко место на скопјани особено во летните месеци. (Фото: Архивска фотографија)

Езерото Треска со одлука на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година е предадено во владение на Општина Сарај. Сите градоначалници најавуваат дека со странски приватен партнер ќе го вратат во функција комплексот. Но тоа никако да се случи.

Владата предводена од СДСМ лани дел од земјоделското земјиште во селата  Глумово и Шишево кое се наоѓа околу езерото, го пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може во овој дел од предградието на главниот град да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што воодно ќе се врати во функција и езерото.

Градоначаникот на Општина Сарај Блерим Беџети вели дека Деталниот план од Општината е изработен и предаден на одобрување во Град Скопје. Очекува дека летово ќе ги добие сите позитивни мислења за да може да се почне постапката за враќање во функција на езерото.

Камперите велат дека Општина Сарај не го собира ѓубрето со месеци. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Очекувам дека до крајот на неделата од Град Скопје ќе добиеме позитивно мислење за планот. Такви се најавите од таму. Со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов имаме исти размислувања  во врска со овој проект. Потоа треба да оди на одобрување во министерствата за животна средина и транспорт и врски и на крај на усвојување во Советот на Општина Сарај. Не би сакал сега да споделувам детаљи во врска со содржините кои се предвидени со нашиот предлог план. Штом се усвои ќе го презентирам на јавноста. Секако дека ние сами како Општина не сме во можност д,а инвестираме, па затоа ќе бараме приватен партнер. Има заинтересирани инвеститори кои постојано се јавуваа и се интересираат до каде е планот“, вели Беџети.

Во врска со изјавите на камперите дека Општината не го чисти ниту одржува комплексот Беџети вели дека секој има право на свое мислење.

„И јас се жалам дека не го плаќаат надоместокот за користење на просторот“, додава Беџети.

Водата во езерото во 1998 година е прогласена за бактериолошки неисправна. (Фото: Ѓ. Личовски)

И градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во својата предизборна програма и кампања ветуваше дека на скопјани ќе им го врати повторно езерото Треска и ќе биде изградена пречистителна станица за да биде водата чиста и безбедна за капење. Шилегов сега вели дека со овој проект и идната инвестиција, просторот ќе биде уреден и вратен во функција. Потсетува дека минатата власт го дала Езерото на Општина Сарај и сега локалната власт си ја тера постапката.

„Пред две години реонот на езерото Треска беше прогласен за туристичка зона, за да може да привлече повеќе инвеститори со цел да го облагородиме тој простор. Во тек е изработка на Детален урбанистички план во Општина Сарај за овој дел, нешто што досега го немало. Во рамки на тој урбанистички план ќе се предвидат содржини и ќе се одвива инвестиција која ќе гарантира дека езерото Треска ќе биде вратено во целосна функција, во спортско-рекреативна, но и туристичка“, вели Шилегов.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира