Твитер за првпат означи еден пост на Доналд Трамп со предупредување за проверка на факти, согласно својата нова политика за погрешни информации.
„Нема никакви шанси дека гласањето по пошта нема да биде измама. Поштенските сандачиња ќе бидат ограбувани, гласачките ливчиња кривотворени и дури нелегално печатени и потпишувани“, напиша Трамп на Твитер.
Откако беше опоменат од Твитер, Трамп ја нападна оваа социјална мрежа дека ја задушува слободата на говорот.
Твитот беше означен со син извичник, при што им се сугерираше на читателите да ги проверат фактите за гласањето по пошта, водејќи ги кон линк на кој тврдењата на Трамп се опишани како неосновани и лажни.
Компанијата вети дека ќе ги засили предупредувањата за погрешни информации, но досега не реагираше кога е Трамп во прашање. Твитер ја надгради оваа своја политика во почетокот на месецов.
Трамп дополнително го обвини Твитер дека се меша во претстојните претседателски избори во САД.