Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека зголемен број на позитивни со КОВИД-19 е затоа што мерките не се почитуваат. Филипче на денешната прес-конференција кажа дека загрижувачки е фактот што суспектни лица одбиваат да се тестираат, лица кои треба да се во самоизолација си се шетаат и даваат погрешни адреси за самоизолација.
„Овие нови кластери се настанати во време кога важеа рестриктивните мерки. Зголемениот број на заразени се должи со тоа што не се носат маски, се собираат и групираат. Загрижува уште повеќе што лица со решение за самозиолација се шетаат надвор и затоа барам Министерството за внатрешни работи да излезе на терен и да казнува. Согласно бројот на нови пациенти во наредните денови можно е воведување повторно на карантин на одделни подрачја“, кажа Филипче.
Од скопските случаи заразените пациенти се од општините Сарај, Чаир, Гази Баба, Бутел и Аеродром.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат по зголемениот број на случаи во Штип извршил инспекциски надзор при што утврдени се низа неправилности. Како што кажа Филипче, во автобусите со кои патувале не се почитувала мерката за држење растојание, а и во една конфекција која сега е затворена работните места не биле оддалечени 2 метра, ниту се носеле заштитни маски.
Вкупно заразени текстилни работнички се 17, а во изолација од контакти со нив се 70 лица.
А. АНТЕВСКА