Ракетата на Илон Маск со двајца американски астронаути во екипажот успешно е лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, означувајќи почеток на нова ера во патувањата во вселената.
Изградена од „Спејс-Екс“, првпат во историјата една приватна компанија испрати ракета со човечки екипаж во вселената. Во новата капсула „дрегон“ се наоѓаат едни од најискусните американски астронаути Даг Харли и Боб Бенкен, кои ќе поминат неколку недели на Меѓународната вселенска станица.
„Апсолутна чест е да се биде дел од овој огромен напор. Ќе зборуваме повторно од вселената“, изјави Харли непосредно пред лансирањето, прво од американска почва од 2011 година.
Петнаесет минути од полетувањето, капсулата се оддели од ракетата и тргна кон Станицата. Се очекува летот да трае 19 часови.
Историскиот лет оригинално требаше да се случи во средата, но беше откажан на 17 минути пред лансирањето поради лошо време.
Маск се надева дека ова е почетокот на комерцијалните летови и на „такси“ превозот во ниската орбита на Земјата.