АДМИНИСТРАЦИЈАТА СЕ ВРАТИ НА РАБОТА ПО ДВА И ПОЛ МЕСЕЦИ СЕДЕЊЕ ДОМА

    АДМИНИСТРАЦИЈАТА СЕ ВРАТИ НА РАБОТА ПО ДВА И ПОЛ МЕСЕЦИ СЕДЕЊЕ ДОМАВработените на работното место мора да носат маска. - Граѓани чекаат ред пред барака 16 во Град Скопје за субвенции за велосипеди. (Фото: СДК.МК)

    Од денеска административците не се ослободени од работа туку мора да се вратат на работните места. Поради пандемијата на КОВИД-19 и со цел да се спречи ширење на заразата, од средината на март администрацијата не одеше на работа, а добија цела плата за месеците март, април и мај. Одлуката за враќање на администрацијата на работа беше донесена како дел од владините одлуки за олабавување на рестриктивните мерки.

    Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на својот фејсбук профил објави дека вработените во јавната администрација од денеска, работните задачи ги извршуваат од своите работни места.

    „За да бидеме сигурни дека со овој начин на работа никој нема да биде доведен во ризик, укажуваме и бараме строго почитување на мерките и препораките на Владата: Секој вработен задолжително треба да носи лична заштитна опрема на лицето додека е на работа, да се одржува минимум физичкото растојание и контакт помеѓу вработените лица, да се избегнуваат групирања и собирања, да се настојува комуникацијата да биде телефонски и редовно да се одржува личната хигиена и хигиената во работните простории. Службените интерни состаноци да се одржуваат преку алтернативен начин, а веќе во сила е усвоениот протокол за одржување на работни состаноци“, напиша Манчевски.

    Сѐ уште ослободени од одење на работа се хронично болните лица, бремените жени, еден родители на дете до 10-годишна возраст,самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои користат дневен центар, лицата кои одат на работа со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира