Седумдесет отсто од новите случаи позитивни на КОВИД-19 регистрирани за изминатите 24 часа, 89 од кои 35 се од Скопје, се од веќе познати кластери во Чаир и Сарај, во период кога имаше рестрикции на движењето поради полициски час, кажа на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Огромен дел од новодијагностицираните, рече тој, покажуваат дека не се почитуваат мерките за заштита како држење дистанца и носење заштитна маска. Тој кажа дека Комисијата за заразни болести ја следи ситуацијата, и согласно локацијата и начинот на трансмисија на заразата, спремна е да препорача воведување на локален полициски час во Гази Баба, Чаир, Сарај и делови од Штип.
Тој кажа дека и во пресрет на верскиот празник Задушница, ќе го проценат ризикот од собири, и дека кон крајот на неделата ќе кажат дали ќе има повторно рестрикции во движењето.
„ Последните бројки не треба да нѐобесхрабрат, да влеземе во летаргија. Ќе излеземе од ова, но мора да знаеме дека сите сме одговорни“, рече министерот.
Комисијата на утринскиот состанок заклучила дека и покрај високите бројки на новозаразени, нема голем број на пациенти кои се примаат во болници, туку дека поголем дел од нив се со лесна клиничка слика или се асимптоматски носители. Седумтемина кои починаа во изминатите 24 часа биле во крајно тешка состојба.
Во Сарај денес има само 2 дијагностицирани за 24 часа, интензивно се работи во Чаир и во Студеничани. Во Штип за 24 часа има 27 нови случаи, и по денешниот увид на Министерството за здравство и на Државниот здравствен и санитарен инспекторат на Центарот за јавно здравје Штип, одлучено е да се затворат 5 конфекции до понеделник, а 600 текстилни работнички ќе се тестираат.
Б. НЕСТОРОСКА