ТРАМП ИМ СЕ ЗАКАНИ НА ДЕМОНСТРАНТИТЕ СО ВОЈСКАТА ПО СЕДМАТА НОЌ НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ НИЗ САД

    ТРАМП ИМ СЕ ЗАКАНИ НА ДЕМОНСТРАНТИТЕ СО ВОЈСКАТА ПО СЕДМАТА НОЌ НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ НИЗ САДПолицијата со солзавец и гумени куршуми растеруваше демонстранти во близина на Белата куќа (Фото: АП)

    Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати војската на улиците на американските градови за да им стави крај на граѓанските протести, кои уследија по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен од полицијата во Минеаполис минатиот понеделник. Тој кажа дека градовите и сојузните држави не успеале да ги исконтролираат протестите и да ги одбранат своите жители.

    „Ќе ја распоредам армијата и брзо ќе го решиме проблемот“, изјави Трамп.

    Додека тој зборуваше во Белата куќа, полицијата со солзавец и гумени куршуми растеруваше демонстранти од околен парк.

    Четворица полицајци се застрелани на протестите во Сент Луис (Фото: АП)

    Десетици градови, вклучувајќи го и Њујорк, воведоа полициски час изминатата ноќ, но тоа не ги поколеба демонстрантите да излезат на улиците, што на некои места повторно излезе од контрола и се претвори во грабежи и палежи. Протестите се одржуваат во повеќе од 75 градови.

    Четворица полицајци се застрелани во Сент Луис, но немаат повреди опасни по живот, додека двајца полицајци биле удрени со возило во Бафало. Илјадници луѓе маршираа по улиците на Њујорк и градоначалникот Бил де Блазио изјави дека на Менхетн и во Бронкс „имало сериозни проблеми“.

    „Ова што се случува е срамота. Ќе распоредам илјадници и илјадници тешко вооружени војници и друг воен персонал за да се запрат нередите, грабежите, вандализмот и нападите“, кажа Трамп и ги обвини „професионалните анархисти“ и антифашистичкото движење Антифа за протестите.

    Националната гарда досега распореди 16.000 свои припадници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира