Секретарот за одбрана на САД Мајк Еспер кажа дека никогаш не би ја испратил војската на улиците за да ги запре протестите кои веќе осум дена се одржуваат низ земјата како реакција на убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд и често прераснуваат во палежи и грабежи. Ова уследи два дена откако Доналд Трамп им се закани на демонстрантите со војската, но Еспер вели дека тој може да се повика на Чинот на востание само во „најитни и најстрашни ситуации“.
„Не го поддржувам активирањето на чинот на востание. Ова не е една од тие ситуации. Тоа е крајна опција, а сега не сме стигнале до таму“, изјави Еспер.
Пентагон стави во состојба на подготвеност неколку воени единици во базите надвор од Вашингтон, но Еспер кажа дека не им е дадена никаква наредба за акција.
Трамп претходно кажа дека масовното распоредување на Националната гарда во сојузните држави се покажало како добар модел како да се запре насилството што ги придружува протестите.
„Мора да бидете доминантна сила. Ни требаат ред и закон“, изјави Трамп.
Голем број градови воведоа полициски час, но протестите продолжија и изминатата ноќ, со тоа што беа далеку помирни.