Самит за вакцини организиран од британската влада собра милијарди долари за имунизација на децата во земјите во развој, додека експертите дискутираат за тешкото прашање како можна вакцина против КОВИД-19 би можела да се дистрибуира низ светот и притоа да им биде достапна на сите.
Обединетите нации и Меѓународниот црвен крст и црвена полумесечина сметаат дека е морален императив вакцината за КОВИД-19 да биде „народна“ и сите да ја добијат бесплатно. Алијансата за вакцини ГАВИ најави нов напреден механизам кој би овозможил земјите во развој да добијат ефективна вакцина против КОВИД-19 веднаш откако ќе биде развиена.
На настанот биле собрани 8,8 милијарди долари, со што биле надминати очекувањата. Овие средства ќе бидат искористени за вакцинирање на 300 милиони деца во десетици земји во развој против болести како маларија, пневмонија и ХПВ.
Експертите предупредија дека милиони деца би можеле да умрат од излечиви болести поради сериозниот прекин во програмите на вакцинирање, при што се погодени најмалку 68 држави.