ПРАВОПИСОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ДЕНЕСКА СЛАВИ 75 ГОДИНИ

    ПРАВОПИСОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ДЕНЕСКА СЛАВИ 75 ГОДИНИЕден од ретките примероци на првиот правопис, книшка од 20 страници, издадена од „Државно издавачко претпријатие“ во 1945 во Скопје, го има во личната архива на Кочо Битољану. (Фото: СДК.МК)

    Правописот на македонскиот јазик денеска слави 75 години – донесен е на 7 јуни 1945 со решение на Министерството за просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев. Еден месец претходно, на 5 мај 1945, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик. Со ова се заокружува еден од темелите на македонската државност, удрени со решението на АСНОМ од 2 август 1944, донесено во манастирот Прохор Пчински, со кое македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

    Еден од ретките примероци на првиот правопис, книшка од 20 страници, издадена од „Државно издавачко претпријатие“ во 1945 во Скопје, го има во личната архива на Кочо Битољану, една од македонските партизански легенди и член на првата скопска влада, кој почина во 2015. Неговиот син Вања Битољану за САКАМДАКАЖАМ.МК овозможи пристап до примерокот, кој ќе ѝ биде отстапен на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за дигитализација во одделот Дигитални ресурси за македонскиот јазик.

    Со ова се заокружува еден од темелите на македонската државност, удрени со решението на АСНОМ од 2 август 1944, донесено во манастирот „Прохор Пчински“, со кое македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава; – Решението за правописот на македонскиот јазик е дел од првото издание на Правописот. (Фото: СДК.МК)

    Од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ велат дека „решението за заведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава“ е една од најсуштествените национални придобивки на Првото заседание на АСНОМ, со која се отвора непречено патот за усвојување на јазичната норма и за институционално озаконување на македонската азбука, т. е. за нејзината стандардизација.

    „Тоа е основен предуслов за понатамошна кодификација на македонскиот јазик, постигната во изненадувачки кус рок и тоа во мошне бурен период од светската историја, кон крајот на Втората светска војна, во која македонскиот народ самостојно ја извојува својата државност и се здоби со право самиот да одлучува за својата иднина“, велат од Катедрата.

    Во работа од нецела година и на три комисии, азбуката и правописот ги донесе Третата јазична комисија во состав: Венко Марковски, Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев, И. Топаловски; – Страница од првиот Правопис. (Фото: СДК.МК)

    Во работа од нецела година и на три комисии, азбуката и правописот ги донесе Третата јазична комисија во состав: Венко Марковски, Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев, И. Топаловски.  На 3 мај 1945, дефинитивно ја утврдила македонската азбука, која ги содржи следните 31 буква: А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш. Истиот ден, Владата донела решение со кое била озаконета азбуката, кое било објавено во весникот ‘Нова Македонија’ во празничниот број (II, 104) од 5, 6 и 7 мај 1945 година. Оваа комисија, со исклучок на Мазов, на 2 јуни 1945 го утврдила и нацртот за македонскиот правопис, за кој на 7 јуни 1945 е донесена Резолуција од Владата со што македонскиот правопис станал официјален.

    „Усвоениот елаборат бил објавен во посебна книшка, а веќе следниот ден по усвојувањето на правописот, Конески го објавува написот ‘За македонскиот литературен јазик’ во кој се презентирани ставовите за македонската азбука и правопис, а Влахов ја објавува статијата ‘Слободна Македонија во Федеративна Југославија ‒ крај на меѓусебните борби на балканските народи’“, вели проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

    Првите измени и дополнувања на Правописот се направени две години подоцна.

    „Некои измени и дополнувања на Правописот биле направени од Комисијата за преразгледување на прашањата во врска со македонскиот правопис во состав: д-р Михаил Петрушевски, Блаже Конески и Крум Тошев, назначена на 20 ноември 1947. Од овие промени, најважна била промената на наставката -уе во -ува (кажуам во кажувам). Предлогот бил прифатен на собир на македонските писатели, новинари, филолози и други културни работници на 6 април 1948 и објавен во проширеното издание на Македонскиот правопис со правописен речник на Конески и Тошев, објавено во 1950“, вели Груевска-Маџоска.

    Првите измени и дополнувања на Правописот се направени две години подоцна, а најважна била промената на наставката -уе во -ува (пишуе во пишува); – Страница од првиот Правопис. (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот правопис од 1969 година, во авторство на Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, К. Тошев и Р. Угринова-Скаловска) во 1970 е дополнет со Правописен речник од 30.000 зборови. Последното издание на овој правопис е коригирано од Т. Димитровски и објавено во 1998, а нов Правопис на македонскиот јазик е објавен во 2015 и второ издание во 2017., под редакција на Ж. Цветковски, С. Веновска-Антевска, С. Груевска-Маџоска, Е. Јачева-Улчар и С. Саздов.

    Електронската верзија на ова последно издание на Правописот, од декември 2017 е бесплатно достапна за симнување и за пребарување на Интернет на адресата www.pravopis.mk.

    МАНУ лани во декември усвои Повелба за македонскиот јазик во којашто ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки.

    „Повелбата ги зацврстува ставовите на МАНУ за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела. На тој начин, МАНУ ја истакнува својата определба дека најдобра заштита на македонскиот јазик е создавање услови за остварување на неговата улога на значаен фактор на општествената и културната интеграција во државата“, рекоа тогаш од МАНУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира