КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ОСТАНУВА НА ПРЕДЛОГОТ ЗА ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 22 ДО 5 ЧАСОТ ВО ЖАРИШТАТА СО КОВИД-19

    КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ОСТАНУВА НА ПРЕДЛОГОТ ЗА ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 22 ДО 5 ЧАСОТ ВО ЖАРИШТАТА СО КОВИД-19Комисијата инсистира на ваквиот предлог за да се заштити здравствениот систем бидејќи на скопската Инфективна клиника и болницата „8 Септември“, како и на инфективните одделенија во неколку болници низ државата веќе се чувствува премореност кај медицинскиот персонал, а се зголемува бројот на заразени меѓу нив. - Медицинска работничка поминува покрај таблата на болницата „8 Септември“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комисијата за заразни болести останува на предлогот до Владата да се воведе полициски час од 22 до 5 часот во жариштата со КОВИД-19, како Скопје, Штип, Тетово и Куманово, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Владата вчера имаше седница, но не донесе одлука за предлогот на комисијата.

    Комисијата инсистира на ваквиот предлог за да се заштити здравствениот систем бидејќи на скопската Инфективна клиника и болницата „8 Септември“, како и на инфективните одделенија во неколку болници низ државата веќе се чувствува премореност кај медицинскиот персонал, а се зголемува бројот на заразени меѓу нив. Според последните податоци, заразени и изолирани се 15 медицински лица од „8 Септември“, каде што во моментов се лекуваат 50 заболени од КОВИД-19, од кои 10 се на респираторна машина.

    Во комисијата сметаат дека итно мора да се најде замена за докторите и сестрите кои повеќе од три месеци работат исклучиво со заболени и суспектни пациенти на коронавирус. Министерот Филипче ја информирал комисијата дека ќе го реши тој проблем со ротации на здравствен кадар од други болници.

    Главниот извор на нови случаи на КОВИД-19 и понатаму се масовни собирања без контрола и протоколи, најчесто навечер и во домашни услови. Во комисијата се едногласни дека таквите собирања се најголем извор на нови случаи и затоа инсистираат на полицискиот час.

    Последните случаи на нови кластери со заразени се од свадба во домашни услови во едно скопско село и мекици за новородено дете, организирани две вечери по ред, во Охрид. Во Охрид вчера биле земени поголем број брисеви и директорот на тамошниот Центар за јавно здравје Сашо Точков вели дека очекува зголемен број на новозаболени.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира