Марија фан Керкхове, водечкиот експерт за КОВИД-19 во Светската здравствена организација, го повлече своето претходно тврдење дека случаите на пренесување на коронавирусот од асимптоматски лица се многу ретки.
„Таа изјава се базираше на само две-три студии. Јас само одговарав на прашање, тоа не ја одразуваше политиката на СЗО или нешто слично. Колку често коронавирусот се пренесува од лицата кои немаат симптоми сѐ уште е голема непозната, тоа останува големо отворено прашање“, изјави Фан Керкхове.
Доказите сугерираат дека луѓето со симптоми се најзаразни, но вирусот може да се пренесе и пред тие да се развијат. Владите низ светот препорачуваат да се носи заштитна маска и да се држи социјална дистанца токму поради ризикот од асимптоматско пренесување.
Голем број научници кажаа дека коментарите на Фан Керкхове не ги рефлектираат актуелните научни истражувања.
„Апсолутно сум убеден дека пренесувањето на коронавирусот од асимптоматски лица се случува, само не знаеме во кој обем“, изјави шефот за вонредни ситуации во СЗО, Мајкл Рајан.