Директорот на тетовската Клиничка болница одбил да ја прими донацијата која дошла во болницата пред три дена, затоа што била од меѓународна компанија која има казина и организира игри на среќа и во Македонија. Во кругот на болницата пристигнало возило натоварено со 10 специјални болнички кревети, креветите биле растоварени од возилото, а биле ангажирани и неколку хостеси кои требало да го изрекламираат казиното и донацијата но, кога пристигнал директорот на болницата Флорин Бесими и кога видел дека станува збор за донација од казино, одбил да ја прими пратката. Покрај креветите, донацијата била и од средства за дезинфекција и други помошни материјали.
После ваквата реакција на директорот, креветите биле вратени во возилото.
Неофицијално дознаваме дека болничките кревети сега се веќе во функција во друга јавна здравствена установа. Станува збор за хидраулични кревети за одделенија за интензивна нега со промена на положбата на телото на потребите на пациентот.
„Јас добив известување од Министерството за здравство дека треба да примам донација од болнички кревети, при што не беше назначено името на донаторот. Кога пристигна пратката и кога видов дека како донатор се јавува една спортска обложувалница, решително одбив да ја примам донацијата. Им реков никако не прифаќам донација од казино. Досега сум имал две понуди за донации во висина од 5.000 и 10.000 евра од спортска обложувалница и едно казино, но и овие донации ги одбив. Зарем ако државата и Министерството за здравство не можат нас како болница да нѐ снабдат со потребниот материјал и опрема, треба да одиме да бараме помош од казина или спортски обложувалници? Такво нешто не доаѓа предвид. Освен тоа, оваа ‘донација’ се состои од 10 болнички кревети за кои е наведено дека чинат околу 2,5 милиони денари или околу 40.000 евра. Па какви кревети се тоа кои толку чинат? Брука! Па кога уште видов дека сред болница се рекламира казиното од страна на некои девојки кои беа со нив дојдени, уште повеќе се револтирав. Додека јас сум директор на болницата, не примам донации од казина и спортски обложувалници. Срамота е граѓаните на Тетово да се доведат во ситуација да се снабдуваат со некаква опрема од фирми кои се занимаваат со коцкање“, вели директорот на Тетовската клиничка болница Флорин Бесими.
На доделувањето на оваа донација остро реагираа и од Движењето „Анти коцкање“, кое подолг период се бори во Законот за игри на среќа да се донесе одредба за дислокација на казината и спортските обложувалници најмалку 3 километри одалеченост од училиштата, факултетите и другите јавни установи.
„Целосно ја поздравуваме одлуката на директорот на тетовската Клиничка болница да одбие да прими донација од ваков донатор и сметаме дека постапил на вистински начин“, изјави Џемал Абдиу од Движењето „Анти коцкање“. Тој вели: „Ќе побараме и од други директори на болниците во државата да го следат овој светол пример на тетовскиот директор, бидејќи имаме сознанија дека вакви донации биле давани и на други болници во државата“.
З. АНДОНОВ