Нема веќе место за сместување на болни со КОВИД-19 во Клиничката болница во Битола, која е регионален ковид центар, па од утре новите случаи ќе се носат во болницата во Охрид, рече министерот за здравство Венко Филипче.
„Во Битола е исполнет капцитетот на одделението за КОВИД-19 зашто е регионален центар, сите пациенти од тој регион доаѓаат во Болницата. Сега од целиот регион пацинетите ќе се сметуваат во Охридската болница. Направена е целосна координација и спремно беше Инфективното одделение. Има добар план и добро се спроведува и не оставаме приод кој може да биде критичен, па да не знаат пациентите дали ќе се упатат на едно или на друго место“, рече Филипче.
Клиничката болница во Битола е регионален центар за лекување пациенти со коронавирус од Југозападниот Регион. Директорката Билјана Гагачовска вели дека целосно пополнет е капацитетот на ковид одделот каде веќе се лекуваат 23 пациенти, од кои најголем дел се од Охридско-Струшкиот Регион.
„Утрово имавме дваесет пациенти, но во текот на денот бројот се покачи на 23. Од нив, само еден пациент е од Битола и уште еден од Ресен, останатите се од Охридско-Струшниот Регион. Болните се во средно тешка состојба. Кај нас нема пациенти поставени на респиратори“, рече Гагачовска.
Болницата во Битола, иако е регионален центар за пациенти заразени од КОВИД-19 и згрижува болни од почетокот на пандемијата, засега нема ни еден вработен здравствен работник заболен од вирусот.
Во Битола денес нема новозаболени, болеста е во тек кај тројца битолчани, од кои само еден се лекува в болница. Вкупно, од почетокот на пандемијата до денес, се разболеа 30 битолчани, од кои две лица починаа, а 25 оздравеа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА