БИРОКРАТИЈАТА ПОВАЖНА ОД ЗДРАВЈЕТО – Серија текстови за корупцијата во здравството (1)
Болни од рак оставени без терапија, лаборатории без потребни реагенси за дијагностика, нови апарати надвор од употреба оти недостига неопходен дел за работа, болници кои кубурат со медицински потрошен материјал, е само дел од сликата на јавното здравство која од година во година е се поалармантна.
Главна причина зошто јавните здравствени установи остануваат без потребните лекови, реагенси и материјали за работа е развлекувањето на набавките со месеци.
По правило, кога залихите од претходните набавки ќе дојдат при крај, болниците треба да распишат тендер за набавка на нови количини. До измените на регулативата за јавни набавки од октомври 2013 на здравствените установи им биле потребни од еден до два месеци за да ја завршат јавната набавка. Од мај 2014 почнува со работа Советот за јавни набавки како орган на Бирото за јавни набавки, кој дава одобрување дали одреден тендер е во ред. По ова на болниците им е потребно двојно или тројно повеќе време за набавка.
Менаџерите на болниците и клиниките тврдат дека процедурата за одобрување на тендерите трае предолго зашто Советот за јавни набавки повеќе пати им ја враќа на доработка документацијата за да може да распишат јавен оглас.
Бирократскиот лавиринт почнува тука. При првото разгледување тендерот може да запне и на правописни и несуштински грешки. При секое ново барање за согласност составот на комисијата која го разгледува предметот е различен. Новиот тим дава нови забелешки. И така од првото барање до распишувањето на тендерот може да поминат седум месеци. На ова треба да се додаде и времето потребно за јавување на понудувачи, бирањето на најдобриот, времето за жалби и за склучување на договор.
На многу болници им се случило тендерот да им биде враќан три пати, колку што е законскиот максимум, а третиот пат да им биде одобрена документацијата која првично ја поднеле. На ова барање согласност и враќање на документацијата се губи не само време тику и пари, оти за секое ново барање болниците плаќаат нов надоместок. Додека трае постапката залихите од претходните набавки се трошат. Затоа дел од болниците и клиниките лани и годинава се соочија со проблем да не можат да пружат соодветна здравствена услуга на пациентите.
Советот за јавни набавки се оградува од одговорност за доцнењето на тендерите. Од таму велат дека постапуваат согласно законските одредби за јавни набавки, кои се изменети за да намали или исклучи можноста за корупција и наместени тендери. Советот тврди дека согласноста ја дава во законски пропишаниот рок, кој максимално може да трае до 30 дена. А за тоа што меѓу едно и друго барање согласност здравствените установи чекаат со месеци, Советот не е одговорен.
Заштитата од корупција и зголемување на конкуренцијата во случајов е претворена во замрсена бирократска процедура, на која се надоврзува неподготвениот менаџмент на болниците за правење тендер без забелешки.
Долгите тендери на болните им одземаат драгоцено време, време кое тие го немаат. Често животот на пациентот зависи од брзината со која ќе му биде поставена дијагноза и ќе му се одреди терапија.
НАЈЧЕСТО ПОНИШТЕНИ ПОСТАПКИ ВО ЗДРАВСТВОТО И ОБРАЗОВАНИЕТО
Според годишниот извештај за 2015 година на Бирото за јавни набавки во април лани спровело еднодневни обуки за претсавници од образоанието и здравствените институции.
“Владата на Република Македонија заклучи Бирото за јавни набавки, да изготви и реализира акциски план за организирање на обуки за Законот за јавните набавки на институции, кај кои најчесто се обжалуваат и поништуваат првостепените одлуки, односно здравствените институции, училиштата и градинките”, стои во годишниот извештај за 2015 година на Бирото за јавни набавки.
Според овој извештај во листата на 10 најголеми јавни потрошувачи во 2015 година, Министерството за здравство е на прво место со 3,5 милијарди денари, а на листата на 10 најголеми договори за стоки во 2015 година шест се на Министерството за здравство за набавка на лекови, биохемиски материјали и вакцини за потребите на јавните здравствени установи.
БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА РЕКОРДЕР СО БАРАЊА ЗА СОГЛАСНОСТ ВО 2014 ГОДИНА
Годишниот извештај за 2014 година на Советот за јавни набавки покажува дека најмногу барања за согласност има токму од клиниките и болниците, односно од 20 договорни органи со најмногу барања за согласност, седум се здравствени установи. Со 144 барања за согласност на второ место е Министерството за здравство, веднаш зад АД Електрани на Македонија, а на трето место е клиничката болница од Битола со 113 барања. На пето место е градската општа болница “8-ми септември” со 76 барања, а подолу на листата се Медицинскиот факултет, општата болница Куманово, Клиниката за кардиологија, Клиниката за гинекологија и акушерство и Здравствен дом Скопје.
Од Клиничката болница “Др. Трифун Пановски” Битола, како најголема регионална болница, велат дека и лани и годинава имале проблем со добивање согласност од Советот за јавни набавки.
“Нашата болница за една година имаше 90 тендерски постапки. Тендерите кои беа испратени до Советот за јавни набавки неколку пати беа враќани, односно веднаш не добиваме согласност. За да не се соочиме со проблем, односно да не се случи да ни снема лекови или потребен материјал за работа, постапките во Советот ги почнувавме многу порано од претходно”, вели Соња Цуновска, раководител на оддел за јавни набавки на клиничката болница “Др. Трифун Пановски” Битола.