ДО ВЛАДАТА СТИГНАЛЕ 20.000 ПОРАКИ СО ПРИГОВОРИ И ПРАШАЊА ЗА ПЛАТЕЖНИТЕ КАРТИЧНИ ЗА КУПУВАЊЕ ДОМАШНИ ПРОИЗВОДИ

    ДО ВЛАДАТА СТИГНАЛЕ 20.000 ПОРАКИ СО ПРИГОВОРИ И ПРАШАЊА ЗА ПЛАТЕЖНИТЕ КАРТИЧНИ ЗА КУПУВАЊЕ ДОМАШНИ ПРОИЗВОДИМинистерката за финансии призна дека имало пропусти па затоа некои граѓани не се нашле на листите, но тоа било бидејќи станувало збор за обемен проект, а пропустите ќе се поправат. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За еден ден 20.000 пораки стигнале на електронската адреса на Владата со приговори од граѓани кои не добиле платежни картички  и прашања за нивно користење. Министерката за финасии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција призна дека има проблем во однос на постапката на делење на платежните картички за средношколци, студенти и граѓани, но тоа било бидејќи станува збор за обемен проект.

    „Оваа е обемен проект кој за првпат се реализира во нашата земја на најтранспарентен начин. Сите недостатоци ќе бидат поправени. Во овој процес беа вклучени повеќе институции, кои требаше да достават податоци за лицата кои треба да добијат ваква платежна картичка, односно Министерствата за образование и труд и социјална политика, како и Управата за јавни приходи“, рече министерката Ангеловска.

    Платежни картички ќе добијат околу 324.500 граѓани, а започна од вчера преку банките, а до 18 јули ќе се доделат сите картички кои ќе може да се користат до 15 август. Корисниците може да се најдат на листата на сајтот kupuvamdomasno.gov.mk.

    Досега, како што кажа Ангеловска, до Владата стасале 20.000 пораки. Таа објасни дека не се сите поплаки од граѓани, студенти и ученици кои не се нашле на листата, а ги исполнуваат условите.

    „Меѓу овие 20.000 има и прашања од граѓани кои добиле картичка па сега прашуваат како можат да ја искористат, затоа не можат да кажам точно колку се поплаки. Тим од Генералниот секретаријатна Владата работи на обработка на мејловите“, рече Ангеловска.

    Од денеска почнува делењето и на ваучерите за годишен одмор за вработени граѓани кои имаат месечни приходи до 14.500 денари. Како што кажа министерот за економија Крешник Бектеши, 117.000 граѓани ќе добијат ваучери од 6.000 денари за одмор и платежни картички од 3.000 денари кои ќе можат да ги искористат во угостителски објекти. Граѓаните можат да проверат дали добиле ваучер на веб страната domasiedoma.gov.mk.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира