ДАТУМОТ ЗА ИЗБОРИ Е ОДРЕДЕН СО УСТАВОТ И ЗАКОНИТЕ, НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПАРТИСКА ЖЕЛБА, МУ ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА МИЦКОСКИ

    ДАТУМОТ ЗА ИЗБОРИ Е ОДРЕДЕН СО УСТАВОТ И ЗАКОНИТЕ, НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПАРТИСКА ЖЕЛБА, МУ ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА МИЦКОСКИ ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули, вели лидерот на СДСМ. - Заев на лидерска средба во претседателската вила (Фото: Претседателски кабинет)

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев се огласи на Фејсбук по прес-конференцијата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и рече дека итно одржување на изборите е неопходно. Заев вели дека датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите и ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. Мицкоски денеска кажа дека 5 и 8 јули не се опција за ВМРО-ДПМНЕ и според него, прв возможен датум за избори е средината на јули.

    „Итно одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за да ги вратиме институциите кои мора да им служат на граѓаните со полн капацитет и легитимитет. Тоа е неопходно и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од КОВИД-19. Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите. На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори. На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза. Граѓаните тоа го знаат. Впрочем токму Мицкоски шеташе по кафани и теретани, прекршуваше мерки, а неговиот министер Чулев го поткопува системот одвнатре и го загрозува здравјето на граѓаните“, напиша Заев на Фејсбук.

    Заев вели дека нема да дозволат Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка Влада и нема да дозволат да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните.

    „Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи“, вели Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира