ГО ЗАКЛУЧУВАМЕ 15 ЈУЛИ КАКО ДЕН ЗА ИЗБОРИ, МИЦКОСКИ МИ РЕЧЕ ДЕКА ГО ПРИФАЌА ДАТУМОТ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ГО ЗАКЛУЧУВАМЕ 15 ЈУЛИ КАКО ДЕН ЗА ИЗБОРИ, МИЦКОСКИ МИ РЕЧЕ ДЕКА ГО ПРИФАЌА ДАТУМОТ, РЕЧЕ ЗАЕВЗаев денеска на прес-конференција го повика Мицкоски јавно да каже дека се согласува со овој датум, што тие двајца денеска во телефонски разговор го договориле.(Фото: СДСМ)

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека 15 јули е последната отстапка која ја прават и изборите ќе се одржат на тој датум, за што добил согласност и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Заев денеска на прес-конференција го повика Мицкоски јавно да каже дека се согласува со овој датум, што тие двајца денеска во телефонски разговор го договориле.

    „Мораме да си ги спасиме државата и народот од каков било ризик од дополнително влошување на ситуацијата. Поголема криза од оваа, државата нема да може да издржи без Собрание и Влада. Знам дека преку глава им е на граѓаните од фамозниот датум за избори. Јас и СДСМ преземаме чекор веднаш да заврши оваа игра на нерви. За да не страда народот го заклучуваме 15 јули како конечен и последен датум на кој гарантирано ќе учествува опоцијата“, рече Заев на прес-конференцијата во партијата.

    Тој кажа дека ќе се побара претседателот Стево Пендаровски да прогласи нова вонредна состојба, бидејќи се пролонгира датумот за избори. Среда ќе биде прогласен за неработен ден и ќе се гласа до 21 часот. Понеделник 13 јули и втроник 14 јули ќе гласаат болните, изнемоштените, лицата во самоизолација и заразените со КОВИД-19 кои се лекуваат во болница и дома.

    „Бараа средина на јули, еве им средина на јули. Праќам порака до Мицкоски, одговорноста пред сопствениот народ е големо дело. Никој политичар не смее да помисли да си игра со сопствениот народ. Доволни беа лошите изненадувања што ВМРО-ДПМНЕ им ги приредуваше на македонските граѓани. Време е да погледнат надвор, да се одважат и ова решение да го потврдат пред народот.Ова е за спас на државата. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се повикани да одговорат и да влезат во демократскиот процес заедно со сите други политички чинители во земјава“, кажа Заев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира