ПЛАНИРАМЕ ЈАВНО ДА ГИ ОБЈАВУВАМЕ ИМИЊАТА НА ЛИЦАТА КОИ ОДБИВААТ ДА ПРИМАТ РЕШЕНИЈА ЗА ИЗОЛАЦИЈА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ПЛАНИРАМЕ ЈАВНО ДА ГИ ОБЈАВУВАМЕ ИМИЊАТА НА ЛИЦАТА КОИ ОДБИВААТ ДА ПРИМАТ РЕШЕНИЈА ЗА ИЗОЛАЦИЈА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Се соочуваме со проблеми околу решенијата. Некои одбиваат и затоа што решенијата не се двојазични, но има други најразлични причини зошто не ги примаат решенијата“, рече министерот Филипче. - Возило на Итна помош пред Инфективната клиника. (Фото:K. Попов )

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека побарале помош од правната служба на Собранието во издавање и доставување на решенијата за изолација на лицата на граѓаните кои одбиваат да примаат решенија, затоа што инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат секојдневно се соочуваат со такви проблеми.

    „Се соочуваме со проблеми околу решенијата. Некои одбиваат и затоа што решенијата не се двојазични, но има други најразлични причини зошто не ги примаат решенијата. Потоа даваат грешни информации, грешни адреси, грешни телефонски броеви и тоа навистина ја отежнува работата. Побаравме помош од Собранието од правната служба за издавање и го разгледуваме законот за управна постапка и размислуваме јавно да ги објавуваме лицата кои се во изолација. Тоа многу брзо ќе го решиме“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

    Имињата на лицата кои треба да се во изолација ќе се објавуваат согласно еден член на законот, и најверојатно ќе бидат објавувани на официјалната веб-страница на Министерството за здравство. Секој кој ќе биде објавен, ќе значи дека има решение за изолација.

    Филипче вели дека има доволно кревети во здравствените установи, затоа што и покрај зголемениот број на новозаболени од КОВИД-19, само 14 проценти од нив се хоспитализирани, а 86 проценти се асимптоматски или имаат лесна клиничка слика. На инфективните одделенија во земјава вкупно хоспитализирани се 318 пациенти.

    Филипче рече дека целосно е слободен капацитетот на монтажната болница, во Градската општа болница „8 Септември“ каде има близу 400 кревети, а зафатени се над 113 кревети. На Инфективната клиника во изминативе 24 часа нема нови приеми, а вкупно се хоспитализирани 95 пациенти. На кислородна поддршка се 37 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

    Според министерот, целосно е исполнет капацитетот на болницата во Битола, една третина е полн во Охрид, половина е во Тетово и во Штип, а празна е болницата во Кавадарци, која исто така може да биде регионален центар.
    „Доаѓа период кога ќе имаме и голем број на излекувани пациенти, а ќе се намалува и бројот на новозаболени“, рече тој.
    До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови, а вкупно хоспитализирани 113 пациенти. На респираторна машина се 10, а со потешка клиничка слика се уште 21 пациент.

    „Се соочуваме со навистина силен бран на КОВИД-19, изминативе денови постојано добиваме прашање за причината за смртност. Согласно податоците, огромен процент од имаат претходни хронични заболувања. Од 193 починати, најголем процент се над 60 години, а кај 76 проценти се регистрирани бројни коморбидитети, како хронични заболувања на кардиоваскуларниот систем, бели дробови и шеќерна болест“, рече Филипче.

    Со оглед на тоа дека е зголемен бројот на новозаболени, но и фактот дека голем дел од медицинскиот персонал е преморен, заболен или во изолација, се направи план за ротација, и на Инфективната клиника ќе дојдат 5 доктори, тројца од Клиниките во Скопје, еден од Тетово и еден од Охрид, како и 27 сестри.
    Во ГОБ „8 Септември“ ќе дојдат 6 доктори, како и 27 медицински сестри.

    „Враќањето на рестрикциите не е добра опција, затоа што повторно олабавување на мерките после рестрикциите ќе нѐ соочи со оваа ситуација и ќе се вратиме на почетокот. Земјите во регионот исто така се соочуваат со зголемен број на новозаболени, иако во претходниот период ги олабавија мерките или прогласија крај на епидемијата“, рече Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира