УШТЕ 7 РЕСЕНЧАНИ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, ЗА ШЕСТ ДЕНА 32 ЗАБОЛЕНИ, БОЛЕСТА СЕ ШИРИ ПРЕКУ НЕКОЛКУ НЕПОВРЗАНИ КЛАСТЕРИ

    УШТЕ 7 РЕСЕНЧАНИ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, ЗА ШЕСТ ДЕНА 32 ЗАБОЛЕНИ, БОЛЕСТА СЕ ШИРИ ПРЕКУ НЕКОЛКУ НЕПОВРЗАНИ КЛАСТЕРИРесен, кој три месеци немаше ни еден инфициран, денес е трет на листата по број на ковид позитивни случаи во земјава, по Скопје со 97 и Тетово со 11. (Фото: Општина Ресен)

    Уште седум новозаболени од КОВИД-19 се регистрирани денес на територијата на Општина Ресен. Градот кој три месеци немаше ни еден инфициран, денес е трет на листата со општини по број на  позитивни случаи во земјава, по Скопје со 97 и Тетово со 11 случаи. Со ова, вкупниот број на зболени во Ресен се искачи на 32, приближно колку што беа регистрирани инфицирани од болеста во Битола од почетокот на пандемијата до денес.

    Но, во Битола сега има осум активни случаи, а во Ресен се 31 лице кај кое болеста е во тек. Пред неколку дена, имаше и еден смртен случај на ресенчанец заболен од коронавирусот.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека првите случаи во Ресен се појавиле од семејна прослава. Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека во Ресен болеста се шири преку неколку кластери кои не се сите поврзани меѓу себе.

    Неофицијално, дел од ресенчани имале контакт со кумановци. Во градот е затворен и ресторан, зашто позитивено на коронавирусот било вработено лице. Близу 600 жители на Ресен во следните десетина до 14 дена нема да одат на работа, зашто најголемите индустриски капацитети во Преспа „Свислајон-Агроплод“ , „Хатекс“ и „Стењетекс“ ги затвораат погоните со што максимално ќе се намалат контактите, групирањето и движењето на луѓето.

    Најголемиот број од заболените се од градот Ресен.

    Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека во градот се почитуваат протоколите за заштита од КОВИД-19, жителите носат маски и држат дистанца.

    „Денес, иако е вторник, во Ресен движењето низ градот е намалено како да сме недела’’, рече Гошаревски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира