ДРАМА ЗА СПАС НА ЖИВОТОТ НА СЕДУМГОДИШНО ДЕТЕ ДОНЕСЕНО ПОЧИНАТО ВО БОЛНИЦАТА ВО ВЕЛЕС

    ДРАМА ЗА СПАС НА ЖИВОТОТ НА СЕДУМГОДИШНО ДЕТЕ ДОНЕСЕНО ПОЧИНАТО ВО БОЛНИЦАТА ВО ВЕЛЕСДетето било донесено починато уште во Итната помош, од полицијата соопштија дека имало претходно здравствени проблеми, а вчераутро му се влошила состојбата; - Велешката болница. (Фото: СДК.МК)

    Вчера на пладне во здравствените институции од Велес се водела животна драма за спас на седумгодишно дете, за чиј живот се бореле и докторите од Итната помош и докторите од Одделението за анестезија и реанимација од Велешката болница. За жал, детето било донесено починато уште во Итната помош. Од полицијата соопштија дека детето имало претходно здравствени проблеми, а вчераутро му се влошила состојбата.

    „Во 11.54 часот, со Итната помош од страна на двајцата родители донесено е седумгодишно дете. Тоа било без знаци на живот, со видливи мртовечки дамки по телото, со подуен стомак над ниво на граден кош. Веднаш е пристапено кон реанимација. Даден е адреналин, обезбеден е дишен пат, потоа со возило е пренесено на Одделението за анестезија и реанимација на Болницата, каде бил продолжен третманот“, рече портпаролот на Итната помош д-р Страхил Тодоров.

    Во Велешката болница детето било донесено во 12,35 часот на Одделението за анестезија и реанимација. Неговите родители кажале дека претходно имал повраќање и пролив.

    „Детето е примено без знаци на живот, без срцева акција. Веднаш е започната реанимација, која била подолготрајна, но за жал без резултат“, изјави портпаролката на Општа Болница Велес д-р Весна Николовска-Неделкова.

    СВР Велес дополни дека по наредба на јавен обвинител, телото на детето било испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира