ВРЕДИ ДА СЕ РАЗГЛЕДА ИДЕЈАТА НА АРХИТЕКТИТЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СЕ ГРАДИ НА ДРУГА ЛОКАЦИЈА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ВРЕДИ ДА СЕ РАЗГЛЕДА ИДЕЈАТА НА АРХИТЕКТИТЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДА СЕ ГРАДИ НА ДРУГА ЛОКАЦИЈА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВШилегов најавува средба со претседателот и претставници на Асоцијацијата на која ќе се разгледаат и ќе се дискутираат сите предлози и опции каде да се гради новата Универзална сала. (Фото: СДК.МК)

    Секоја идеја која доаѓа од фелата треба да се разгледа, вели градоначалникот Петре Шилегов за предлогот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Универзална сала да се гради на друга локација.

    Откако Град Скопје најави дека ја почнува постапката за изградба на нова концертна сала, дека постојната ќе се урива и ќе се гради објект според нов проект, архитектите предложија да се размисли за други локации, а на постојната да се направи парк.

    „Секоја идеја која доаѓа од фелата и струката во овој случај Асоцијацијата на архитекти, вреди да се разгледа. Ќе побарам средба со претседателот и претставници на Асоцијацијата на која ќе ги разгледаме и ќе дискутираме за сите предлози и опции каде да се гради новата Универзална сала“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот Петре Шилегов.

    Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски на 13 јуни за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека она што се бара во програмата на новата Универзална сала е преобемно за оваа локација. Станува збор за густо изградел дел од градот, со булеварот Партизански одреди од една страна, од каде нема да може да се изведе влез во подземен паркинг. Од другата страна пак е улицата 29 Ноември која е тесна, со две сообраќајни ленти и нема да може да ги задоволи потребите за пристап кон ваков тип на објект. При секој концерт или настан ќе се создава хаос во сообраќајот, но ќе биде попречено и движењето на пешаците и локалните жители.

    Од Асоцијацијата на архитекти како прва варијанта каде може да се гради новата Универзална сала на Скопје, го предлагаат делот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Станува збор за просторот зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и салонот на „Хонда“ во Карпош 3. Според архитектите овој простор е соодветен бидејќи туку веќе се изградени вакви содржини и би се добила една целина, спортски објект, базен, хотел и концертна сала.

    „Ја разгледувавме и идејата за просторот кај стаклениците на ЈП ‘Паркови и зеленило’ во Карпош, што е во близина на крајниот дел од Градски парк. Тоа не значи дека ќе се уништи паркот или зеленилото туку самиот објект да биде во паркот. Ова се само првични размислувања, ние ќе бидеме отворени за разни дискусии, каде е најдобро да се направи новата Универзална сала.“, вели Пановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира