Десетици луѓе, традиционално пред изгрејсонцето, се собраа на мегалитската опсерваторија Кокино, 80 километри североисточно од Скопје, за да ги поздрават доаѓањето на летото и долгоденицата – најдолгиот ден во годината.
Опсерваторијата стара 4.000 години користела стационарно набљудување за означување на позицијата на Сонцето при долгоденица, краткоденица и рамноденица.
Најдолгиот ден во годината овојпат се совпаѓа со ретко прстенесто помрачување на Сонцето, кое во својот полн обем ќе биде видливо од 12 држави во Африка и Азија. Вакви прстенести помрачувања се случуваат кога Месечината поминува меѓу Земјата и Сонцето, но недоволно блиску до нашата планета за целосно да ја замагли сончевата светлина.