Од денес со работа започна лабораторијата за молекуларна дијагностика во Центарот за јавно здравје во Битола која ќе врши тестирања за КОВИД-19. Ова е единствена лабораторија за вакви тестирања надвор од Скопје.
Се отвори со донација на фабриката „Кромберг и Шуберт“, која набави апарат во вредност од 30.000 евра, на Општина Битола со 10.000 евра и други донатори. Лабораторијата се подготви за само два месеца и исполнети се строгите критериуми според Светската здравствена организација (СЗО), по што од надлежната комисија добија дозвола за работа.
„Заводот е регионален центар и ги покрива општините Битола, Ресен, Кичево и Деми Хисар. Предноста ќе биде што кавалитетно и за многу кратко време ќе се добиваат резултати што сега ги носиме во Скопје и ги чекаме. Инаку е планирано да прераснеме и во регионална лабораторија, што значи Прилеп и Охрид да ги тестираме овде. Имаме стручен кадар од два тима, двајца доктори и четири лаборанти кои ќе бидат во смени. Почнуваме со капацитет од 50 тестирања и со можност во иднина да го зголемиме капацитетот“, рече директорката Елизабета Крстевска.
Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека ова е доказ оти можат да се направат сериозни чекори напред кога бизнис заедницата и локалната самоуправа синхронизирано соработуваат.
Денес во Битола евидентирано е уште едно новозаболено лице, а во Ресен шест.
Ж. ЗДРАВКОВСКА