Србија најави дека ќе ја ограничи работата на ноќните клубови бидејќи прославите во затворени простори се покажале како најголем расадник на заразата со коронавирусот, изјави заменик директорката на Институот за јавно здравје Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ.
„Повеќе од половина од заразените кажале дека биле на некоја прослава во затворен простор, во некој клуб или на некоја манифестација на која што сите се радуваат“, изјави Кисиќ-Тепавчевиќ, која го води владиниот кризен штаб за борба против коронавирусот.
Таа додаде дека новозаразените лица од изминатиот период главно биле на возраст од 20 до 40 години и дека во најголем број случаи немале никакви симптоми.
„Податокот дека главно станува збор за помлади лица доста зборува. Знам дека заострувањето на мерките не е популарен потег, но тоа има за цел да се намалат излегувањата до рано утро“, додаде Кисиќ-Тепавчевиќ.
Таа не верува дека во земјата повторно ќе се воведува вонредна состојба, но оваа недела беше донесена одлука за задолжително носење маска во јавен превоз. Во Србија вчера имаше 143 нови случаи на коронавирус.