Во Куманово треба да се потврди дали кај пациент кој прележал КОВИД-19 повторно му се вратила болеста, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Во светот да, има такви случаи, има мутација на вирусот, има потврда на рецидив на болеста, а се очекува во Куманово набрзо да се потврди дали има таков случај“, рече Филипче пред болницата во Козле.
На новинарско прашање дека бројката на новозаболени од коронавирус секојдневно е висока, Филипче рече дека бројката на заразени во Скопје континуирано паѓа, и дека се јавува висока бројка на новозаболени во околините на Тетово и Гостивар, како и во Ресен и во Битола.
Филипче рече дека засега е тешко да се каже со сигурност кога ќе се отворат градинките, и покрај тоа што на вработените им беше направен скрининг.
„Скринингот се направи во ситуација кога немаше голем број на нови случаи. Децата се огромни трансмитери на болеста и затоа е тешко да кажеме кога ќе се отвора. Засега не“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА