СЛОВЕНЕЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО АПСЕЊЕТО НА МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА ЗА СКАНДАЛОТ СО РЕСПИРАТОРИ

    СЛОВЕНЕЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО АПСЕЊЕТО НА МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА ЗА СКАНДАЛОТ СО РЕСПИРАТОРИМинистерот Хојс тврди дека истрагата е политички мотивирана (Фото: СТА)

    Министерот за внатрешни работи на Словенија Алеш Хојс поднесе оставка во знак на протест поради апсењето на министерот за економија Здравко Почивалшек во врска со скандалот со набавка на респиратори за пациенти со ковид-19.

    Хојс тврди дека истрагата е политички мотивирана и насочена против владата на Јанез Јанша. Освен Хојс, оставка даде и директорот на полицијата Антон Травнер.

    Словенечките медиуми објавија дека бил извршен претрес во неколку куќи во рамките на истрагата на Националното биро за истраги против Почивалшек и останатите осомничени. Тие се обвинуваат дека при купувањето на респираторите и друга медицинска опрема биле фаворизирани одредени фирми, при што тие биле платени по превисока цена. Почивалшек беше пуштен од притвор по неколку часа.

    „Ова е политички мотивирана истрага, што ја спроведуваат удбашко-партиски структури во полицијата“, кажа Хојс.

    Јанша стана премиер во март откако претходната либерална влада поднесе оставка. Коментаторите во Словенија велат дека потегот на Хојс е инсцениран со цел Јанша да ги стави под своја контрола досега независните органи на власт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира