Русите масовно им дадоа поддршка на уставните реформи што ќе му овозможи на Владимир Путин да остане на власт до 2036 година, велат првичните резултати на референдумот, што се одржуваше седум дена среде пандемијата на коронавирусот.
Изборната комисија објави дека 78% од гласачите ги поддржале мерките, според кои Путин ќе има право на уште два шестгодишни претседателски мандата откако ќе му истече сегашниот во 2024 година. Опозицијата го осуди гласањето, сметајќи дека целта на Путин е доживотно да биде претседател, што тој го демантира.
Гласањето, на кое се одлучуваше за повеќе од 200 уставни измени, почна минатата недела и изборната комисија соопшти дека одзивот бил 64%.
Шеесет и седумгодишниот Путин засега нема потврдено дека ќе се кандидира на изборите во 2024, но кажа дека е важно да има опција за тоа. Тој е на власт веќе 20 години како претседател или премиер.