Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ при МАНУ, под водство на професорот на Фармацевтскиот факултет во Скопје доктор Александар Димовски, е пред првите резултати за однесувањето на коронавирусот кај пациентите од различни групи, кај кои предизвикал различни или воопшто не предизвикал последици. Целта е да се дојде првин побрзо до лек кој би ги ублажил тешките клинички слики кои водат и до смрт кај пациентите, а податоците што ги собира Центарот се испраќаат до светската база на податоци, за да се открие побргу вакцината против оваа нова вирусна инфекција.
Академик Димовски вели дека за првпат во историјата на светската медицина, за одредена болест не се генерирале толкав број на податоци и не се правело толкаво поместување во сознанијата за толку кратко време.
„Поврзано директно со КОВИД-инфекцијата, ние иницијално, кога почна инфекцијата, не планиравме да се вклучиме во дијагностика. Идејата беше да понудиме нешто од истражувачки аспект, што би можеле ние да придонесеме од аспект на дијагностика, меѓутоа се укажа потреба поради ограничените капацитети за тестирање, дел од тој товар да го преземеме од Институтот за јавно здравје. Последните 2 месеца правиме рутинска дијагностика за присуство на вирусот и тоа ни зема добар дел од времето, зашто и до 200 тестови правиме дневно. Тоа се тестови од пациенти кои главно се наоѓаат надвор од Скопје. Го правевме скринингот на градинките во Скопје, ги правиме и оние први, втори тестови за ослободување на лицата кои имале контакти со заболени“, вели Димовски.
Многу поважно од помагањето на Институтот за тестирањата и скрининзите, е истражувањето на вирусот кое се врши динамично во Центарот во МАНУ.
„Уште од самиот почеток ние предложивме два генерални проекта. Едниот е за да ги секвенционираме геномите на вирусите кои што се наоѓаат кај нас во државата. Целта за тоа беше бидејќи имаше повеќе медицински индикации, да видиме од каде ни доаѓаат вирусите. Второ, за епидемиолозите е важно да ги видат тие субтипови, бидејќи сите РНК-вируси се нестабилни и со тек на времето тие прават, генерираат мали промени во себе, кои што не мора да имаат никакво клиничко значење, меѓутоа оставаат трага и тогаш можете да видите и да ги следите кој со кого и како е поврзан кај различни пациенти. Можете да видите како се пренесува, а за епидемиолозите е важно за да може да прават да прават трејсинг за начинот на пренесување и создавање на тие нови кластери, за да можат да интервенираат со специфични мерки“, кажува соговорникот што правиме на национално ниво во разобличувањето на непознатиот вирус, како една прва фаза.
Втората цел била да видат научниците дали ако постојат различни субтипови, може да се поврзат со различна клиничка манифестација на болеста. Т.е., дали некои поедини субтипови се засилени со поблага болест, некои со потешка болест и трето, во зависност од одговорот на одредена терапија.
„Некои пациенти се третирани со едно, други со второ, има различни субтипови и ако најдеме нешто, ќе можат колегите специфично индивидуализирано сега да ја нивелираат терапијата. Тоа беше целта на тој проект“, вели соговорникот.
Но, тоа е една работа што им е тековна на луѓето од науката во Центарот „Ѓорѓи Ефремов“.
„Сега сме во фаза на колектирање на примероци. Тоа е договорено како проект на МАНУ, разговарано е и со Инфективната клиника, со Институтот за јавно здравје. Се собираат специфичните примероци кои можат да ни дадат одговор на овие прашања. Ние сме спремни, јас верувам дека за една-две недели ќе можеме тие едно 100-200 генома да ги секвенционираме и да ги најдеме одговорите. И друга една работа што сакаме да видиме – дали со тек на време одреден кластер мутира, кој е степенот на мутација кај нашата популација. Тоа пак, е битно да можете да предвидите од аспект на развој на вакцина, колку често се рејавуваат тие промени. Само по себе, можеби не е доволен бројот на примероци, меѓутоа сметавме дека имајќи го капацитетот, можеме да придонесеме во онаа светска база на тие податоци. Колку повеќе собираат, тие добиваат поцврсти докази“, уверен е професор доктор Димовски.
ОВДЕ САКАМЕ ЗА 3 МЕСЕЦИ ДА НАПРАВИМЕ НЕШТО ШТО ЗА ДРУГИ БОЛЕСТИ НИ ТРЕБАЛО ДЕЦЕНИИ. ЗА ЖАЛ, ТРЕБА МАЛЦЕ ТРПЕНИЕ. И ОДИ МНОГУ БРЗО, НИКОГАШ ВО ИСТОРИЈАТА НА СВЕТСКАТА МЕДИЦИНА ЗА ОДРЕДЕНА БОЛЕСТ, НЕ СЕ ГЕНЕРИРАЛЕ ТОЛКАВ БРОЈ НА ПОДАТОЦИ И НЕ СЕ ПРАВЕЛО ТОЛКАВО ПОМЕСТУВАЊЕ ВО СОЗНАНИЈАТА ЗА ТОЛКУ КРАТКО ВРЕМЕ
Има една светска база, вели тој, каде што се собираат податоци од сите земји во светот и потоа се генерираат специфични предиктивни генетски промени, кои што можеби ќе имаат влијание во иднина во развојот на различни субтипови на вакцини. На пример како што е за грипот, за кого секоја година имаме друга вакцина.
„Овдека не знаеме како ќе биде, затоа е битно да научиме нешто. Во моментов чекаме да ги земеме примероците од пациентите, тие што ги селектираме. Не може само да се земе од купот примероци што ги тестираме секојдневно, туку е важно да имаме таргетирано група пациенти, кои како што ви реков, имаат различна клиничка слика, што се на Инфективна клиника и не се тестирани кај нас, потоа кластери, на пример некој од Дебар, некој од Штип, Битола… Но, треба епидемиолозите да ни ги кажат кои се, да ни ги пратат и ние тогаш да ги направиме тие анализи“, вели Димовски.
Друго што е важно за Димовски, е да се види дали вирусот кој се вртел во едни исти фамилии е ист од пред три месеци и сега, дали се изменил или не се изменил.
Идејата, вели тој, е и кај тие неколку случаи што по вторпат се заразиле, да се најде примерокот кога првпат се заразиле и да го споредат со тој од сега, за да се види дали е истиот вирус, или е некој друг со кој пациентот се реинфицирал. Резултатите од истражувањата ќе се објават, бидејќи се битни за нас, но ќе бидат испратени и во светската база, за да се добие една поголема група на сознанија.
„Се наѕира со што имаме работа. Имаме работа со вирус кој што е од типот на СИДА-вирусите, на хепатит-Ц. Траат овие вируси, хепатит-Ц трае, како и сите други. И другите инфекции траат по три и повеќе недели, а овие што влегуваат во хронична инфекција, траат доживотно. Овој коронавирус е друг тип, хепатит-Ц и СИДА еднаш ако се заразите, веќе не можете тоа да го искорените. Сега има лекови со кои се прави третман, но се направија после 30 години. Овде сакаме за 3 месеци да направиме нешто што за други болести ни требало децении. За жал, треба малце трпение. И оди многу брзо, никогаш во историјата на светската медицина за одредена болест, не се генерирале толкав број на податоци и не се правело толкаво поместување во сознанијата за толку кратко време“, тврди Димовски.
Тој го објаснува проблемот со РНК-вирусите, каков што е коронавирусот кој предизвика светска пандемија.
„Овие РНК-вируси се проблематични поради тоа што се нестабилни, што ја менуваат својата структура и од аспект на тоа може да прават проблем во однос на создавање вакцина и во однос на создавање терапија. Искрено, бев поголем оптимист дека ќе се најде некој терапевт, апче со кој што барем ќе се ублажи клиничката слика, како што имате ‘тамифлу’ кај грип. Ако земете во рана фаза, тогаш прогресијата кон потешка болест е многу помалку веројатна, отколку да не земете кај тие кои се да речеме под таков ризик за развој на болеста. И верував во некои од овие потенцијални лекови и антивируси кои што сега се користат за грип. Но тие се пробани, Кинезите многу брзо реагираа. За грип, за ебола, за СИДА, значи сè живо пробаа, многу брзо направија клинички студии. И некои од нив покажаа минимален ефект, но во тоа брзање… Медицината е многу конзервативна дисциплина, посебно на нови терапевтици, најмногу од аспект на нејзиниот базичен принцип – да не наштетиш. Примарно е: Ако приоѓаш на пациент, барем да не наштетиш. Заради тоа, кога ќе се препорача нешто, во најмала рака тоа треба да е барем нешто што нема да го отежне понатамошниот тек на болеста“, зборува Димовски, па и за претпазливоста до која лекарите мора да се држат во обидот да пробаат некој лек за ублажување на симптомите или на клиничката слика кај заразените од коронавирус.
На прашање додека трае собирањето податоци од таргетирани категории заразени или починати граѓани од коронавирус, дали има начин да се открие зошто и млади пациенти починаа од коронавирус кај нас за разлика од останатите држави, тој вели дека тоа е втората работа од проектот.
„Тие податоци треба повнимателно да ги толкуваме. Да видиме колку е таа статистика релевантна во однос на бројките и колку е статистички значајна. Чиста математика е, дали е вистина, или е сосема случајно. Треба време, треба доволен број на пациенти да се соберат. Тешко е да се направат споредби“, смета Димовски.
НИЕ СМЕ НАЈИСКРЕНИ И НАЈОТВОРЕНИ СО БРОЈКИТЕ, АКО СИТЕ ПРАВАТ ТАКА ПОЛЕСНО ЌЕ ОТКРИЕМЕ ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИМЕ И КАДЕ Е ПРОБЛЕМОТ
Во однос на тоа дека некои држави не ги регистрираат сите починати лица од коронавирус како починати од коронавирус, што прикажуваат скусени и нереални бројки на заразени и починати за разлика од целосната транспарентност и искреност на нашата држава, тој вели:
„Ние сме најискрени во бројките и сме најотворени. Бројките се до последна точни и реални и мислам дека е тоа добро. Ние ги следиме препораките на Светската здравствена организација. Ако прават сите така и ако е тоа усогласено тогаш многу поедноставно ќе дојдеме до сознанија што треба да правиме и каде е проблемот. Не можете да ги скриете бројките. Се знае, 10-15 отсто ќе дојдат во болница. Нема криење, ќе се види, ќе се полнат болниците. Тој е процентот сегде во светот“.
Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ при МАНУ, кој врши истражувања на полето на молекуларната биологија генерално и генетското инженерство и кој има мултидисциплиниран пристап кон сите природни науки, од формирањето во 1986 година истражувањата примарно ги насочува на полето на медицината и на биолошките науки.
Доцните 80-ти и раните 90-ти години од минатиот век на обука доаѓаат во овој Центар доктори од поранешната Југославија, од целиот регион и од Европа. Тука се прават генетски тестови кои денес се користат не само како дијагностички, туку и прогностички и предиктивни за терапија итн. Од тука е направена една група луѓе кои се обучени кои денес работат генерално во повеќе лаборатории во државата и кои обавуваат ваква дејност вклучително и дејност поврзана со детекција на вирусни заболувања.
„Како поминуваше времето и ослабуваше финансиската поддршка за истражувањата во Центарот, нормално, не можете да ја задржите таа висина, меѓутоа генерално Центарот сепак следи од аспект на технологија, знаење и на капацитет во својата потесна област поврзана сега со медицината, медицинска генетика, молекуларна генетика, многу блиску да не речам до најголемите центри кои што работат во светот од аспект на примена на таа методологија“, вели академик Димовски.
Во моментов е централна дијагностичка лабораторија за наследни ретки заболувања. Се што е наследна ретка болест во државата се дијагностицира овде. Одовде произлегоа други лаборатории, тука се воведоа сите методологии за испитување од молекуларен аспект, тоа се мали промени на гените, на генетскиот материјал, вклучително и вирусологијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА