Кривичниот суд утрово го одложи рочиштето за случајот „Пуч“ поради, како што соопштија од судот, отсуство на еден поротник и го презакажа за 1 ноември.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која го застапува обвинението за овој предмет, изјави дека судот неоправдано го одложил денешното рочиште поради болест на еден од двајцата поротници што, како што рече, е спротивно на Законот за кривична постапка.
Јанева исто така реагираше и на тоа што судот не го повикал единствениот сведок во случајот (Никола Груевски, н.з.), што за неа е неприфатливо.
Од судот, како што рече таа образложението било дека нема потреба да му биде доставена покана на сведокот во овој дел од постапката.
– Сметам дека е недозволиво и неприфатливо тоа што денеска новинарите не беа пуштени да влезат во судницата. Се надевам дека на следното рочиште новинарите ќе влезат во судница и ќе слушнат што имам да кажам пред судот – изјави Јанева.
Таа вели дека периодот од месец и пол, до следното закажано рочиште, е премногу долг и оти не е во ред вака важен предмет да се одложува на толкав период.
Одговарајќи на новинарско прашање, која е причината за одложувањето на судењето, Јанева рече дека тоа прашање треба да му се постави на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кажа дека одложувањето на денешното рочиште е доказ за погазување на правдата од страна на судот „поради некои забегани политики“.
– Денешното рочиште е одложено бидејќи единствениот сведок Никола Груевски не сака да се појави, а судот не му доставува покана, измислувајќи оправдувања за наводна спреченост на еден од двајцата поротници да присуствуваат на рочиштето. Сите знаеме дека доколку судот е известен дека еден поротник не може да дојде, веднаш се бара негова замена – изјави Заев.
Прашан за неговите очекувања во врска со процесирањата на двете обвиненија што ги поднесе СЈО, Заев рече дека не сака да ја коментира работата на судот, но дека цврсто верува оти поголемиот дел од судиите се професионалци и чесни луѓе.