СПРЕМНИ СМЕ ЗА СУДЕЊЕ НА ГРУЕВСКИ ВЕДНАШ, ВЕЛИ СПЕЦИЈАЛНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЈАНЕВА

    СПРЕМНИ СМЕ ЗА СУДЕЊЕ НА ГРУЕВСКИ ВЕДНАШ, ВЕЛИ СПЕЦИЈАЛНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЈАНЕВА

    За двете обвиненија што вчера ги поднесе Специјалното јавно обвинителство, Кривичниот суд може да закаже рочиште во наредните осум дена, вели специјалната јавна обвинителка Катица Јанева

    „Тие се во скратена постапка, а рокот на закажување е осум дена. Судот може веднаш да го заврши тоа, во рок од осум дена да закаже рочиште, а ние сме подготвени за судење“, изјави денеска Јанева.

    Специјалното јавно обвинителство вчера ги поднесе првите две обвиненија. Како што образложи обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, едното е за уништување на документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а другото за насилствата пред Општина Центар, кои се случија во јуни 2013 година.

    Обвинителите на СЈО вчера, повикувајќи се на начелото за презумција на невиност, не сакаа да го откријат идентитетот на ниту еден од осомничените. Сепак, имајќи ги предвид прислушуваните разговори што минатата година ги објави СДСМ, извесно е дека првоосомничени за насилствата во Центар се поранешниот премиер и актуелен лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

    Од Кривичниот суд велат дека обвиненијата од СЈО се пристигнати и дека треба да бидат распоредени кај судии што ќе постапуваат по нив.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира