ПОСТЕРИ ОД СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ СЕ СЦЕНОГРАФИЈА ВО СЕРИЈА НА „НЕТФЛИКС“ ВО РЕЖИЈА НА ОСКАРОВЕЦОТ ШАЗЕЛ

    ПОСТЕРИ ОД СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ СЕ СЦЕНОГРАФИЈА ВО СЕРИЈА НА „НЕТФЛИКС“ ВО РЕЖИЈА НА ОСКАРОВЕЦОТ ШАЗЕЛСтанува збор за француско-американската серија „Еди“ во режија на оскаровецот Демиен Шазел, која почна да се емитува во мај годинава на „Нетфликс“. (Фото: Фејсбук профил на СЏФ)

    Пет постери од Скопскиот џез фестивал (СЏФ) се сценографија во новата серија на американскиот стриминг гигант „Нетфликс“, „Еди“(The Eddy) во режија на оскаровецот Демиен Шазел. Станува збор за пет од низата популарни уметнички плакати на СЏФ од 1996, 2002, 2007, 2011 и 2012 година. Автори на плакатите се : агенцијата „Сачи енд сачи“, Гордана Вренцоска („Мекен Ериксон“), Ивица Спасовски („Мекен Ериксон“), како и Бојан Кртолица од 2011 и Таби Азири 2012.

    Сите пет постери се искористени во канцеларијата на главниот протагонист на серијата, сопственикот на џез-клубот каде што се случува добар дел од дејствието. (Фото: Фејсбук профил на СЏФ)

    Според директорот на СЏФ, Костадин Шурбановски, соработката со француската продуцентска куќа „Олеофилмс“ (OleoFilms) започна во октомври 2013, кога во Скопје гостуваше нивната екипа со цел снимање на концертите на 32. Скопски џез фестивал за потребите на познатиот музички и културен ТВ-канал Мецо (Mezzo).

    „Се инсталираа зад сцената на тогашната Универзална сала, конструирајќи цело студио, коешто беше фантастично, личеше на спејс шатл. Лани во мај добивме имејл од еден од продуцентите којшто беше во 2013 во Скопје, со молба да им дозволиме користење на плакатите од 1996, 2002, 2007, 2011 и 2012 година и да им ги испратиме во формат што може да се печати. Се разбира, со задоволство ја прифативме оваа убава понуда. Сите пет постери се искористени во канцеларијата на главниот протагонист на серијата, сопственикот на џез-клубот кадешто се случува добар дел од дејствието“, ни изјави Шурбановски.

    Станува збор за француско-американска серија во режија на Шазел, режисер на „Ла ла ленд“, „Ритам на лудилото“, која почна да се емитува во мај годинава на „Нетфликс“. „Еди“ е е драма во осум ТВ-епизоди во која главниот лик – сопственик на париски џез-клуб – се вплеткува со опасни криминалци борејќи се да го заштити својот бизнис, бенд и ќерката тинејџерка.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира