Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во телевизиско обраќање објави дека имал позитивен тест на коронавирус.
„Мојот тест излезе позитивен“, кажа Болсонаро, при што носеше заштитна маска.
Шеесет и петгодишниот Болсонаро досега цело време зборуваше потценувачки за коронавирусот, го исмеваше социјалното дистанцирање и ги повикуваше гувернерите и градоначалниците да ги олеснат мерките, иако Бразил е втората најпогодена држава на светот, зад САД, со над 1,6 милиони заразени и над 65.000 починати. Тој го нарекуваше ковид-19 „мал грип“, присуствуваше на јавни настани без заштитна маска и кажа дека без проблеми ќе заздрави ако некогаш се зарази.
Болсонаро вчера по четврти пат беше тестиран откако развил симптоми, вклучувајќи покачена температура и постојана кашлица. Бразилските медиуми објавија дека во саботата почнал да чувствува замор откако ручал со американскиот амбасадор.