Бугарскиот државјанин А. С. (72), со привремен престој во Скопје, уапсен е за разбојничка кражба на велосипед.
Велосипедот Бугаринот го украл од пред маркет на улицата Ѓорче Петров. Сопственикот З. С. го видел крадецот и тргнал по него да си го земе. Овој успеал со брзи чекори да го добутка до дворот во кој престојувал.
„Дај ми го точакот лопов еден, мој е, те видов дека ми го украде пред маркет“, инсистирал З. С.
„Не ти го давам, мој си е”, викал крадецот.
Во еден момент, според пријавата во МВР, А. С. почнал да го удира со камења сопственикот на велисипедот. Земал и метална шипка, го нападнал.
Оштетениот тогаш се повлекол и отишол во полициска станица, каде го пријавил случајот.
„По преземените мерки од полициски службеници, бил лишен од слобода А. С. (72) од Р. Бугарија, со привремен престој во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘разбојничка кражба’“, велат од полицијата.
Крадецот не е притворен, туку е уапсен. Дозволата за престој му била до 2021 година, но тој најверојатно ќе биде веднаш протеран од државава.
С. К. ДЕЛЕВСКА