Ќе се гради нов нов монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија, кој ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ, соопшти Министерството за здравство.
Деновиве е поставена бетонската плоча, како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел, а на крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средина на август објектот да биде целосно подготвен.
Во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантски пациенти.
„Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, сервер соба, климатизација и слично. Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен и не постојат бариери и препреки за лица, кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети, согласно стандардите“, велат од Министерството.
Во меѓувреме, се работи на изготвување план за потребното ентериерно уредување и обезбедување медицинска и немедицинска опрема.
„Од Клиниката за пулмологија појаснуваат дека пациентите со белодробни заболувања, поради хроничната болест на белодробниот систем, се во најризичната група за добивање ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.
Министерството вчера соопшти дека во 16 општини во земјава ќе се формираат регионални ковид-центри во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, откако градоначалниците на 16 општини го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за нивно формирање.
Б. НЕСТОРОСКА