ГРАД СКОПЈЕ ПРАВИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРК НА ВОДНО ЗА ДА ГИ ОДВОИ ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ ОД ПЕШАЦИТЕ И ПЛАНИНАРИТЕ

    ГРАД СКОПЈЕ ПРАВИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРК НА ВОДНО ЗА ДА ГИ ОДВОИ ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ ОД ПЕШАЦИТЕ И ПЛАНИНАРИТЕПатеката што моментално се изведува е нагорна планинска велосипедска патека и е една од трите велосипедски патеки предвидени за изведба годинава.(Фото: Град Скопје)

    Велосипедистите ќе добијат велосипедски парк на планината Водно. Град Скопје деновиве почна со уредување на првата планинско велосипедската патека, со цел да ја зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, преку физичко одвојување на велосипедистите од пешаците и планинарите.

    Патеката е со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица до Средно Водно. Патеката е со променлива широчина, најмногу до 3 метри и како што велат од Град Скопје ја следи постојната конфигурација на теренот и не го нарушува природното опкружување, а при нејзината изградба нема да се оштетат или сечат околните дрвја.

    „Со оглед на развојот на велосипедскиот туризам, како и зголемената рекреативна употреба на велосипедите, се јавува потреба од креирање на посебен простор каде велосипедистите ќе можат безбедно да го практикуваат своето хоби или спорт, без притоа да ги доведуваат останатите граѓани, како и себе си во опасност. Во студијата за Туристичко рекреативен центар – Водно, изработена минатата година, просторните можности на планината беа темелно анализирани, а притоа беше заклучено дека на ова подрачје може да се уреди велосипедски парк. Земајќи ги во предвид и единствената местоположба на Водно во однос на градот, како и веќе изградената инфраструктура притоа почитувајќи ги максимално законите и одлуките за заштита на животната средина, одлучивме дека е време Скопје конечно да добие велосипедски парк по европски, односно светски стандарди“, вели Марко Тодоров раководител на сектрот за локален економски развој на Град Скопје.

    Тодоров објаснува дека патеката што моментално се изведува е нагорна планинска велосипедска патека и е една од трите велосипедски патеки предвидени за изведба годинава. Движењето во спротивна насока, односно надолу ќе биде најстрого забрането. За оваа намена се предвидува патека која што ќе се изведе паралелно со оваа, а на истата ќе биде забрането движењето нагоре. Со тоа, велосипедистите ќе добијат комплетна алтернатива за искачување и спуштање на Средно Водно во однос на асфалтниот пат кој води до горе и е преоптеретен со сообраќај во деновите погодни за рекреација. Третата патека е предвидена за спуштање од врвот Крстовар до Средно Водно. Таа ќе биде за поискусните во овој спорт.

    „Секако, овој проект не застанува тука. За следните години се предвидени дополнителни патеки од Крстовар до Средно Водно кои ќе бидат погодни за семејна рекреација и користење од страна на секој велосипедист. На радост на одредена група на велосипедисти кои професионално или аматерски се занимаваат со екстремно возење велосипеди на планина, планирана е и сертифицирана даунхил патека, на која се надеваме еден ден да се одржи и официјална трка од европскиот шампионат во оваа категорија“, вели Тодоров.

    Патеката ја изработува тимот на фирмата „Алианс АСЕ“ од Словенија, која има искуство во развој на проекти од овој тип во повеќе од 80 светски дестинации во последните 10 години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира