Министерот за внатрешни работи во пржинската техничка влада Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ уште оваа недела е на функцијата, кога ДИК ќе ги соопшти конечните резултати од предвремените парламентарни избори. Министерството, до изборот на новата влада ќе го води Агим Нухиу, кој од заменик, ќе стане министер за внатрешни работи. Тој го водеше МВР и по парламентарните избори во декември 2016.
Од дополнителното заменичкото место се подготвува да си замине и Славјанка Петровска. Си заминуваат заменските кадри од ВМРО-ДПМНЕ и од Министерствата за земјоделие, информатичко општество и администрација и финансии. Министрите Трајан Димковски и Дамјан Манчевски продолжуваат да си ги водат министерствата. Манчевски ќе биде и министер и пратеник додека не се избере новата влада, како по примерот на Елизабета Канческа – Милевска во претходната техничка влада во 2017 година.
Во труд и социјала си заминува Санела Шкријељ, министерството до избор на новата влада ќе го води заменикот-министер Ѓонул Бајрактар.
Технички премиер си останува Оливер Спасовски, кој ќе биде и пратеник, со право на глас кога ќе се гласа за конституирање на Парламентот и за избор на нова влада.
ДИК синоќа ги одби сите приговори на партиите учесници на предвремените парламентарни избори. До утре имаат рок за поднесување жалби до Управниот суд. Од утре, вторник, Управниот суд треба да одлучи по жалбите. Во понеделник ДИК веќе ќе може да ги соопшти конечните официјални резултати од изборите, што значи дека истовремено, на Чулев како министер од опозицијата и на сите заменски министри им престануваат пржинските, односно предизборните функции.
Потоа ДИК ќе им ги врачи мандатите на новите 120 пратеници, а претседателот на Собранието Талат Џафери ќе треба во рок од 20 дена да свика конститутивна седница на Собранието. Претседателот Стево Пендаровски во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието треба да го додели мандатот, а мандатарот има 20 дена да формира влада.
С. К. ДЕЛЕВСКА