Сите дискутираат за „Скопје 2014“, а кога ќе дојде време да се одлучи или преземе нешто, сите се прават мутави, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на денешната јавна презентација на предлог-Деталниот урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1. Изјавата на Богдановиќ следи откако вчера Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) побара од Општина Центар да го повлече и преработи Предлог-Деталниот урбанистички план, а во петокот тоа го побара и советничката од Центар Јана Белчева-Андреевска.
За денеска беа најавени две седници, заради запазување на мерките на заштита од ковид-19, една во 10, втора во 12 часот, а на првата седница, како што кажаа вработените од Општината пред медиумите и граѓаните, имаше само претставници од Собранието на државава и од БЕГ.
За терминот кога се прави јавната презентација преку Фејсбук реагираа и Белчева-Андреевска и од Плоштад Слобода. Советничката побара повлекување на планот за Мал Ринг затоа што е „ставен на јавна расправа сред лето, кога сите очи се вперени кон изборите и новата влада, и при здравствена криза“, а Плоштад Слобода објавија дека “Еден од главните механизми за изработка на плановите со кои се сместија дивоградбите од проектот на Никола Груевски за центарот на Скопје, беше спроведување на јавните презентации и расправи за плановите за време на летото, кога повеќето граѓани не се тука или избегнуваат движење и ангажман за време на горештините“.
Со новиот ревидиран Детален урбанистички план Мал ринг кој од 6 јули е на јавна анкета, спомениците и фонтаните на Александар Македонски, Филип Втори и други споменици дел од проектот „Скопје 2014“. Со измените на планот отстранети се сплавовите во Вардар и Шпанските скали, но останат е деловниот објект во склоп на овој проект, како и споменикот на Мајка Тереза и катната гаража кај Собранието. Од Општината велат дека споменикот на Мајка Тереза има активно одобрение за градба, а за Шпанските скали и катната гаража се водат судски постапки. Избришана е маркичката за катната гаража зад зградата на „Телеком“ на Плоштад Македонија.
„Причината поради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставна. Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект ‘Скопје 2014’“, реагираа вчера од Асоцијацијата на архитекти.
Презентирајќи го планот, Богдановиќ рече дека Општината има поднесено 29 судски пријави, и дека конкретно за Шпанските скали и катната гаража се водат судски постапки и какво било интервенирање во одобрението за градба ќе значи уништување на докази.
„Како ќе се решаваат споровите, така ќе го менуваме планот и на тие парцели ќе има зеленило“, рече Богдановиќ.
Архитектката Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ го праша градоначалникот зошто се брза со донесување на планот ако има 29 судски спорови и зошто не ги почека да се решат, а тој одговори дека се брза со планот оти ќе стапи во сила новиот Закон за урбанистичко планирање, според кој мораториум за градење нема да смее да трае повеќе од шест месеци.
„Еве на пример, зградата на МЕПСО или просторот зад Дом на АРМ. Ако не го донесеме сега планот, фасадата ќе може пак да се направи во барок. Каде има неизградени споменици, таму ќе има зеленило. Каде имало објекти за домување, таму ќе има објекти за култура“, рече Богдановиќ.
Тој се согласи со Раѓеновиќ-Јовановиќ, која е поранешна претседателка на ААМ, дека урбанизмот е државен проблем и конкретно за Споменикот на Мајка Тереза, мора да се направи некои тело кое ќе го реши спорот.
„За тој споменик сите зборат, и Влада и Министерство за култура и Министерство за транспорт и врски, а никој нема поднесено ни пријава ни покренале акција. Министерството за култура направи елаборат, ама тоа секој знае да го направи, што чини што не чини на тој објект. Во фиоки со години се чувале предмети, и откако кажав дали треба градоначалникот да се самозапали за некој да реагира, тогаш ме викнаа во Обвинителство, ајде да го отвориме тој предмет. Намерно го употребив тој збор оти сите седат, држат предмети во фиока, а никој не презема ништо. Знаете што стои во елаборатите, дека е прекршено е тоа, не требало така и слично. Сите знаеме тоа да го кажеме, ама никој не презема правни дејствија. Никој не поднел поништување на одредено решение. Може Министерството за култура да каже дека е спротивно направен во одредена постапка споменикот, да го поништи и со тоа паѓа и одобрението и можеме да го срушиме“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Според него, во зависност од тоа какви ќе бидат анкетните листови, и што ќе достави комисијата од Општина, може да се организира уште некоја јавна расправа.
- ЛОШИОТ ПЛАН ЗА МАЛ РИНГ ГО МЕНУВАМЕ СО ПОКВАЛИТЕН, ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ НЕКА ДОЈДАТ УТРЕ НА ЈАВНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР БОГДАНОВИЌ
- АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ БАРА ОД ОПШТИНА ЦЕНТАР ДА ГО ПОВЛЕЧЕ И ПРЕРАБОТИ НОВИОТ ПЛАН ЗА МАЛ РИНГ
- СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ГИ НЕМА ВО НОВИОТ ДУП „МАЛ РИНГ“, ОСВЕН МАЈКА ТЕРЕЗА И ОБЈЕКТОТ ШПАНСКИ СКАЛИ
Б. НЕСТОРОСКА