НАД 200 КАЗНЕТИ ВО ТЕТОВО ОТИ НЕ НОСЕЛЕ МАСКИ

    НАД 200 КАЗНЕТИ ВО ТЕТОВО ОТИ НЕ НОСЕЛЕ МАСКИИзминативе десет денови на над 200 тетовци им се изготвени прекршочни платни налози за неносење заштитни маски, вели СВР Тетово. (Фото: СДК.МК)

    По пауза поради изборите, денеска повторно се огласи Кризниот штаб на општина Тетово од каде велат дека во однос на минатиот месец, намален е бројот на активни случаи од 390 на 330 колку што се регистрирани до денес. И покрај ова, Тетово зазема високо место според вкупниот број на заразени лица од ковид-19.

    „До денес во Тетово и околните општини, вкупниот број на дијагностицирани со ковид-19 е 954 лица. Од овој број досега излекувани се бкупно 557 лица, а 67 починале, со што бројот на активни случаи во Тетово и 5-те околни општини е 330. Според Општините, вкупниот број на лица дијагностицирани со ковид-19, од почетокот на пандемијата до денес, е: Општина Тетово 592, Општина Боговиње 94, Општина Теарце 89, Општина Брвеница 54, Општина Јегуновце 57, и Општина Желино 68 заразени лица. Клиничката болница во Тетово во моментов има капацитет да ги опслужи пациентите на кои им е потребна медицинска помош, иако повеќето од активните случаи се со полесни симптоми и се лекуваат дома“ соопшти градоначалничката Теута Арифи.

    Според податоците од Центарот за јавно здравје од Тетово, бројот на новозаболените во изминативе десет денови се движи меѓу 4 и 7 новозаболени дневно на ниво на сите Општини во Тетовскиот Регион, освен еден пик кој се случи на 18 јули, кога во еден ден беа регистрирани 31 заболен.

    Според болнички извори, во овој момент во тетовската Клиничка болница хоспитализирани се 10 лица со ковид-19.

    Тетовци и панатаму малку ја почитуваат наредбата за носење заштитни маски. Според СВР Тетово, за изминативе десет денови на над 200 тетовци им се изготвени прекршочни платни налози за неносење заштитни маски.

    Од Кризниот штаб на Општина Тетово исто така велат дека во изминатиов период СВР Тетово и Државниот пазарен инспекторат вршат зголемени контроли во однос на почитувањето на мерките за заштита на здравјето на граѓаните.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира