Генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов смета дека пандемијата на коронавирусот ги зближи луѓето и овозможи повеќе да му се посветиме на семејството.
„Факт е дека ни беше наметнато едно ново нормално. Тоа значи дека моравме да се прилагодиме на еден нов начин на функционирање и живеење. Ова ни даде шанса да поминуваме повеќе време со нашето семејство и да чуеме и дознаеме многу нови и конкретни работи за нашите деца и нашите најмили. Од тој аспект сум позитивен, зашто ова доведе до едно дополнително зближување во рамките на семејството. Сметам дека треба да водиме многу повеќе грижа за нашето здравје и за здравјето на нашите најмили“, вели Мукаетов во видеоизјавата за сајтот „Республика“.
Тој порачува дека ова невидливо чудовиште може да се победи само ако бидеме уште посовесни, поодговорни, подисциплинирани и стрпливи.
„Од аспект на функционирање на компанијата што ја водам, треба порационално да ги користиме сите оние алатки кои ги имаме на располагање. Факт е дека сега бевме принудени многу побрзо да ја прифатиме дигитализацијата и тоа ќе ни даде можност уште повеќе да се развиваме“, вели Мукаетов.