БИТКАТА КАЈ ХАНИОТИ

Џвакај мастика за да не те фати шумска полиција.

    БИТКАТА КАЈ ХАНИОТИ

    1 Се сеќавам дека во 2003 година СДСМ ни организираше една бедна 100-годишнина од Илинденското востание. Две знамиња забодени во земјата на Мечкин Камен, гостите напикани под брендирани чадори со “кока кола” и “скопско”, а политичарите одвај чекаа да завршат играорците и да фатат џаде за некоја плажа оти веќе беа намачкани со масло со сончање.
    За разлика од СДСМ, ВМРО-вците знаат да организираат прослави. Поголеми чаламџии се, не штедат на амбиентот, организираат народ… Арно ама, и ним им проработи потсвеста. Оваа 110-годишнина на прославата на Илинденското востание им почна со грешка. Целиот рекламен материјал, билбордите, објавите во весниците, програмата, поканите на премиерот беа отпечатени со грешка. Наместо 1944, стоеше 1945 како година кога се случило Првото заседание на АСНОМ.
    За грешката се извини маркетинг агенцијата која го подготвила материјалот. Не било незнаење. Било техничка грешка. А во Владата немале ништо со тоа, иако претпоставувам платиле за кампањата. Во меѓувреме излегоа првите објави по весниците, се залепија плакатите, а и поканите од премиерот стигнаа до поканетите. Значи некој ги примил поканите со грешка, ги пакувал во коверти, ги лепел имињата на гостите на ковертите и во име на премиерот ги поканил на прием.
    Тие не забележале!? Тие што денес попладне знаат што ќе се појави на насловните страници во утрешните весници и со кој прилог ќе почнат вестите на телевизиите. Тие што водат сметка кој ТВ прилог што отишол во 7 не смее да оди во 10, не го виделе графичкото решението пред да оди во печат!? Ај што не го виделе пред да се отпечати, туку не го виделе ни кога ги добиле материјалот. А платиле за тоа. Абе ајде….
    Е па, кога не би се бавеле толку со тоа кого да спружат на насловна, можеби би осигурале да нема грешка во материјалот што го нарачале и го плаќаат со наши пари. Или имаат сериозна дупка во образованието. Како што би рекле новите ВМРО-вци: Којзнае што ги учеле на тие комуњарски факултети.
    2 Затоа и не ме чуди што после толкуте остварувања и предизвици на ден пред празникот се најде најголемиот приоритет за промена на Уставот. Пратеникот Влатко Ѓорчев предложи во Уставот бракот да се дефинира исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена. Пратеникот дообјасни дека покрај ова ВМРО-ДПМНЕ планира во рамките на Уставот да ја вгради можноста посвојување на деца да им биде дозволено исклучиво на заедница составена од родители од различен пол, како и од самохрани родители.
    Сите најважни прашања за опстанок на Македонија се решени, па остана да се превенира само уште еден проблем. Оти едно едно чудо геј двојки чекаат ред да се венчаат. Ај што ќе се венчаат туку и деца ќе сакаат да посвојуваат.
    Затоа, дури и името да не го смениме, ова со бракот во Уставот мора да го смениме. Оти оваа промена ќе биде клучна за Македонија да фати чекор со светските просперитетни држави. Оваа промена на Уставот ќе ја вброи Македонија во редот на општествата со високо развиена свест за толеранција и ќе ја запечати нејзината иднина како современа и развиена демократија.
    Убаво објасни Влатко Ѓорчев. Ова се прави во име на народот. И во духот на традицијата. Бракот бил брак меѓу маж и жена уште во времето на Александар.
    3 И јас сум имал дупка во образованието, па дури пред два дена, гледајќи МТВ се просветлив кога дознав дека и битката кај Херонеја во 338 година пред нашата ера се случила баш на 2 август. Тогаш војската на Филип Втори ги поразила Грците. Левото крило со коњицата го водел син му Александар.
    И после се чудиме зошто Грците ни ставаат вето за НАТО и ЕУ. Затоа што Филип и Александар ги испотепале кај Херонеја. Па нив лутината ги држи повеќе од 2.350 години. Само што тие не беа свесни зошто нe мразат. Да не ги потсетевме немаше да им текне.
    4 Бидејќи не можеме да го славиме 2 август во “Св. Прохор Пчински”, кај што во 1944 година се одржало заседанието на АСНОМ, ќе мора да одиме таму каде што може полесно да се стигне. Во Грција. Само што наместо битката кај Херонеја сега ја водиме битката кај Ханиоти. Со предвидлива победа за нас. Не можат Грците толку регистарски таблички да украдат, колку што можеме ние нови да си купиме. Не сме ние идиоти да паднеме пред едно Ханиоти.
    Во тој контекст изгледав еден поучен прилог (каде, ако не на вестите на МТВ) во кој со математичка прецизност една колешка ни пресмета дека кога Македонците наместо да одат во Грција, каде што хипотетички трошат по сто евра, истите пари би ги потрошиле во македонскиот Ерусалим, Охрид, би се собрале 30 милиони евра. И поентираше – замислете што би значеле тие пари за Охрид.
    А зошто едноставно штом дојде Први мај на сите автоматски до октомври од плата не ни одбиваат по сто евра. Па сакаш оди, сакаш не оди во Охрид, сакаш да ти лепат лепенки во Грција, сакаш шеќер да ти тураат во бензинот, сакаш Златна зора да те чека на граница – данок за неодење во Охрид мора да се плати. Таков закон требаше да предложат, а не Устав да менуваат. Тој е поургентен. Башка и со европско знаменце.
    Сепак и без таков закон има надеж. На телевизија викаат дека се бара легло повеќе. Еве, еден пријател со радост на Фејсбук соопшти дека туристичката сезона во Охрид официјално започна вчера сабајле. И дека ќе заврши утре во 18 часот.
    5 Не учествувам во расправата за законот за медиуми оти уште на почетокот реков дека таков закон не ни треба. Ама ја следам расправата и се повеќе се уверувам дека таков закон не ни треба.
    Слушам како сите зборуваат за слобода на информирањето. Дека не требало да има мешање во уредувачките политики. Дека новинарите треба да се слободни од политички и комерцијални притисоци. Дека треба да се заштитени од притисок.
    Значи полна уста слобода. И полна уста стремеж за слобода. Демек законов ќе ни донесе слобода. А најголем дел европски земји немаат такви закони. А во Америка важи само Уставот. Закони немаат – ама слобода имаат. И не зборуваат толку многу за слободата.
    Како можеш да зборуваш за воздухот што го дишеш? За воздухот се зборува само кога е загаден.
    6 Од први август се применува Законот за лиценци за собирање шумски плодови. Во шума не може да собираш боровинки, шумски јаготки, капини, ако пред тоа не платиш 400 денари за лиценца.
    Ме интересира дали утре, ако одам на излет смеам да соберам шумски јаготки. А не сум лиценциран собирач на јаготки. Што правиме ако ме фати шумска полиција? Ќе платам казна? Да ги јадам скришно? Или да џвакам мастика? Ако некој шумски полицаец ме натера да хухнам да му мирисам на ментол. Нема белким да ми земаат брис од грло за да ме казнат.
    Наскоро може ќе воведат и лиценци за седење во сенка. Или лиценца за дишење шумски воздух.
    Овие лиценци се корисни оти ќе имаат двојна намена во буџетот. Прво, тие 1.600 луѓе за коишто ЈП “Македонски шуми” распишаа оглас ќе мора да живеат од нешто. А второ, дури сега ДУИ нема да можат така лесно да се вратат во шума. Ќе мора прво да платат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира