Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека пандемијата на коронавирусот довела до најголемо нарушување на образовниот процес во историјата, откако училиштата се затворија во над 160 земји, и со тоа влијаеше на едукацијата на над 1 милијарда ученици. Гутереш додаде дека најмалку 40 милиони деца низ светот останале без образование во „нивните клучни претшколски години“.
Гутереш предупреди дека „светот се соочува со генерациска катастрофа која може да го потроши залудно човечкиот потенцијал, да го поткопа деценискиот напредок и да ги влоши вкоренетите нееднаквости“.
Генералниот секретар на ОН кажа дека уште пред пандемијата, светот се соочуваше со криза во учење, со тоа што над 250 милиони деца не одеа на училиште, а само една четвртина од средношколците во земјите во развој го завршуваа образованието со „основни вештини“.
„Живееме во клучен момент за децата и младите луѓе во светот. Одлуките кои сега ќе ги донесат властите ќе имаат влијание кое долго ќе трае врз стотици милиони млади луѓе, но и врз развојот на земјите во наредните децении“, рече Гутереш.